Воена парада во Пекинг/ Фото: Kremlin Pool / Alamy / Profimedia

Супер силата Кина сака да ги престигне САД

Со импресивни слики од воената парада, Кина се претставува како суперсила на Истокот. Дали следниот извозен хит, по маички, електронските уреди и е-автомобили, ќе биде „кинескиот модел“?

Дванаесет илјади војници кои маршираат во ист чекор, најмодерни системи за оружје погодни за користење ширум светот и пред сè – претседателот Си Џинпинг како неоспорен моќник на балконот од портата Тjeнанмен над џиновскиот портрет на основачот на земјата, Мао Цетунг. Овие слики денеска (3.09) го обиколуваат светот.
26 шефови на држави или влади од Азија, Блискиот Исток, Африка и Латинска Америка се сведоци на ова шоу. Покрај рускиот претседател Владимир Путин, од Европа допатуваа и словачкиот премиер Роберт Фицо и српскиот претседател Александар Вучиќ.

Пораката е јасна – во идниот светски поредок Кина сака да ги одредува правилата на игра.

„Ваквите воени паради се дел од алатките што автократиите ги користат за да ја демонстрираат наводната или фактичката сила“, вели Еберхард Зандшнајдер, пензиониран професор по политички науки на Слободниот универзитет во Берлин и партнер во консултантската куќа, Берлин Глобал Адвајзорс. „Условена од економскиот раст, Кина е во процес на зголемување на својата улога на меѓународно ниво. Под водство на претседателот Си Џинпинг, процесот значително се забрза“, вели професорот.

72-годишниот претседател Си има јасна визија. До 2049 година, 100 години по основањето на Народна Република Кина, треба да се заокружат тековните процеси на модернизација. Брутодомашниот производ (БДП) по глава на жител во земјата со 1,4 милијарди население, треба да го достигне нивото на средно голема развиена нација. Според пресметките од разни реномирани консултантски куќи, источноазиската земја би можела да ги замени САД како најголема економија во светот за пет, или најдоцна за 15 години.

Доминацијата во бизнисот и политиката одат рака под рака

Кина и на политички план го проширува своето лидерство, на пример во меѓународни организации како БРИКС, сојузот на најголемите економии во развој и во Шангајската организација за соработка (ШОС). Преку глобалниот инфраструктурен проект „Новиот пат на свилата“со 153 држави учеснички, Кина сè повеќе ги привлекува некогашните поддржувачи на Западот – на пример со економскиот коридор низ Пакистан, проектот за брза железница во Кенија и од неодамна со пристаништето Мегапуерто де Чанкај на Тихиот Океан во Перу.

Кина спојот на бизнис и политика го користи за да создаде паралелен светски поредок на глобалниот Југ. Идеите за проекти за јавна инфраструктура се појавуваат преку владини консултации. Специјално основаната Азиска банка за инвестиции во инфраструктурата (АИИБ) или други кинески државни банки, даваат кредити кога тоа го бара Комунистичката партија за да се постигнат целите на надворешната политика на Кина. Формирање нова банка на ШОС беше најавена на самитот на ШОС во понеделникот (1 септември).

Стандарди во врска со заштитата на работењето и заштитата на животната средина вообичаено се само пишан збор. Кинески изведувачи добиваат кинески пари и испраќаат кинески градежни работници низ целиот свет. Земјите-партнери го преземаат долгот – со фатални последици. Имено, поголем долг наметнува поголема послушност кон доверителот во Пекинг.

И секој што ги критикува грубите кршења на човековите права во автономниот регион Тибет или во однос на муслиманското ујгурско малцинство во Ксинџијанг, испаѓа од играта. Секој што го признава Тајван како кинеска покраина, добива бонус со ефикасна имплементација со гарантирано брзо кинеско темпо и потребните финансиски ресурси.

„Кинескиот модел“ на патот кон успехот

„Кинескиот модел“ е предмет на критика во западниот свет, но наидува на сè поголема поддршка од глобалниот Југ. На пример, Олусегун Обасанџо, кој дванаесет години беше претседател на Нигерија, ги повикува африканските земји да учат од „кинескиот модел“. Извонредниот напредок на Кина во последните децении е „извор на инспирација и шанса за Нигерија и Африка“, изјави Обасанџо за кинеската новинска агенција Ксинхуа.

САД, како порано најважен донатор, откако е Трамп на власт ја прекинаа речиси целата помош за странство. По затворањето на развојната агенција УСАИД, Трамп минатата недела ги укина речиси пет милијарди американски долари планирани за тековната фискална година. Овие средства одамна беа одобрени од Конгресот на САД.

Реформа на „глобалното управување“

Целта на Си е да ги „демократизира“ меѓународните односи и да се залага против „хегемонија“, вели Клаус Сунг, истражувач во кинескиот тинк-тенк МЕРИКС со седиште во Берлин. „Таквиот пристап влијае и го изострува начинот на кој Кина го гледа светот, но не е вкоренет во либералниот поредок или либералните идеи. Неговата основа лежи во националните интереси“, вели Сунг.

Дипломатите во кинеското Министерство за надворешни работи актуелно работат на мастер план насочен кон реформирање на „глобалното управување“. Кина сака да преземе водечка улога во „менувањето и развојот на нови форми на меѓународно владеење“, велат тие, со образложение дека тоа е неопходно бидејќи се намножуваат глобални кризи, а соодносот на моќ на интернационален план се менува.

Кинескиот централизам како извозен хит?

Експертот за Кина, Зандшнајдер, не мисли дека Пекинг притоа го извезува својот модел на владеење. „Комунистичката партија која сама владее повеќе од 70 години создаде свој уникатен систем. Не можам ни да препознаам преземање конкретни чекори од страна на Кина, како што ние на Запад постојано се обидувавме да поттикнеме извоз на демократија“, вели Зандшнајдер. Кина не се меша во политичките системи на другите.

„Тоа што на Кина ѝ е потребно, Кина сака да го добие. Тоа се пред сè ресурси, а во меѓувреме и пристап до пазарите“, вели експертот.

„Демократијата мора да се брани од внатрешни и од надворешни предизвици“, вели експертот на МЕРИКС, Сунг, во интервју за ДВ: „Таа е загрозена кога авторитарни режими експандираат и бараат да се откажеме од демократијата во корист на автократијата.“

Европа е преокупирана самата со себе

Просторот за дејствување во Европа во моментов е поограничен од кога и да било. Додека огромната моќ на САД со нивниот непредвидлив претседател предизвикува внимание во глобалната трговска војна, Европа е премногу преокупирана самата со себе.

Европа прво мора да ја брани демократијата во сопствените четири ѕида. Многу земји-членки на ЕУ жестоко се борат за владино мнозинство, за да спречат десни екстремисти да дојдат на власт. Седум од ЕУ-27 веќе имаат влади во кои дел се деснопопулистички партии.

Во Германија, јасно е забележливо преориентирањето кон Исток. Земјата има силни економски врски со Кина, но „секој што навистина сака да го разбере нашиот предизвик треба да патува и во другите азиски земји, а не само во Кина“, апелираше канцеларот Фридрих Мерц на конгресот на ЦДУ во германската покраина Долна Саксонија кон крајот на август. Тој додаде дека на Истокот има неверојатна динамика, меѓу другото и „со аспирации да се стане светски лидер, а тоа важи и за Кина“.

Извор: Дојче веле/ Автор: Данг Јуан

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!