
Судијата Ељведин Ферати нема да биде гонет од Обвинителството, затоа што се појавија документите дека во 2014 преполагал за повисоки оценки
Судијата Ељведин Ферати од Кривичен суд Тетово, кој му досуди казна од 2 години затвор на Менсур Пајазити за усмртување при сообраќајка на 22-годишната Теодора Ристевска на пешачки премин, нема да биде гонет од Обвинителството за наводно „пречкртаните оценки“ што ги имал во своето досие на Државниот универзитет во Тетово (Правен факултет).
Препорачано
Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет откако Државниот просветен инспекторат им достави информација дека кога биле на увид во досието на Ферати при Државниот универзитет во Тетово (кога вршеле инспекција), таму начекале три пречкртани оценки во главната книга, без притоа да најдат и пријави за преполагање на испитите од страна на Ферати. Тие оценки биле важни, затоа што од нив зависело и дали Ферати ги исполнува условите да се пријави на Академијата за судии и јавни обвинители за каде е потребен просек над 8.
Но, кога Обвинителството ја прибавило целосната документација за судијата од Правниот факултет при Државниот Универзитет Тетово, таму ги нашле и пријавите за преполагање.
По поднесено известување од Државниот просветен инспекторат, Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет и ја прибави целокупната документација од досието на наведениот студент од Правниот факултет при Државниот Универзитет во Тетово и од Академијата за судии и обвинители „Павел Шатев“. Во прилог на досието беа доставени и материјални докази – барања, решенија и пријави за повторно полагање, како и доказ за добиени оценки за 4 предмети со кои Факултетот потврдува дека во 2014 година студентот ги преполагал испитите и добил оценки со кои го зголемил својот просек над 8,00. Потоа се пријавил на Академијата за судии и јавни обвинители. Ваквата информација на 31.01.2024 година Државниот Универзитет во Тетово ја доставил и до Државниот просветен инспекторат, како дополнување на списите врз основа на кои бил изготвен Записникот за извршен инспекциски надзор во јуни 2023 година, велат од Јавното Обвинителство Скопје за „Слободен печат“.
Оттаму додаваат дека имајќи ги предвид доставените документи, јавниот обвинител кој постапувал во предметот против Ферати на 10 март 2025 година донел резолуција со која констатирал дека не се исполнети елементите врз основа на кои би можел да преземе кривичен прогон по службена должност.
Сомнежот за Ферати произлезе од Државната комисија за спречување корупција. Тогашниот состав предводен од претседателката Билјана Ивановска, направил анализа на сите кандидати за судии и јавни обвинители и нивните дипломи од сите универзитети во државата и нивните правни факултети.
Анализата произлезе откако Барлет Џафери, син на Талат Џафери со месеци беше во центарот на вниманието поради сомнеж дека полагал правосуден испит пред да заврши Правен факултет. Антикорупциска сакала да провери дали има други слични случаи, па затоа Државниот просветен инспекторат бил во инспекција на сите факултети да ги проверува кандидатите за судии и јавни обвинители слушатели во академијата „Павел Шатев“.
Претседателката на Антикорупциска во тоа време Билјана Ивановска, без да спомене името на Ељведин Ферати, на седница од 27.12.2023 година кажа какви наоди добиле од просветниот инспекторат.
Пронајдени се недоследности и тоа во матичната книга пречкртани се три оценки, запишани се нови оценки, нема никаква соодветна документација за извршена процедура како на пример барање за поништување, решение за поништување на оцените, барање за повторно полагање, пријави за полагање, записник за полагање, како и ново уверение за завршен прв циклус на студии. Со оглед на тоа што Државниот просветен инспекторат го известил Јавното обвинителство значи тука веќе нашата работа е завршена, рече Ивановска.
Со оглед на тоа што просветниот инспекторат за овој случај го извести Обвинителството, Антикорупциска го затвори предметот поради тоа што немаа можност за понатамошно постапување. Но, со проверките што ги направило Обвинителството пронајдени биле и докуметите на Ферати за преполагање на испитите на Државниот Универзитет во Тетово и за добивањето на повисоките оценки со кои станал квалификуван за да се пријави на Академијата за судии и јавни обвинители.
Самиот судија Ферати во изјава за „Телма“ на 27.12.2023 година изјави:
Најодговорно тврдам дека преполагав три испити. Со тоа, ја стекнав просечната оцена 8,20. Не знам што се случило со документите и зошто го нема тоа во архивата на факултетот.