
Судии против судии за платата на судиите
Здружението на судии денеска го обвини Уставниот суд дека носи неуставни одлуки, го повикаа да не се додворува на закондавната власт и најавија дека ќе го тужат во Стразбур, а од Уставниот суд им одговорија дека се некултурни и го рушат угледот на правосудството! Причина за жестоките обвинувања се платите на судиите.
Препорачано
Здружението на судии испрати остра реакција на одлуката на Уставниот суд донесена во мај со која беа отфрлени иницијативите на Здружението и на Судскиот совет за поништување на одредбите од Законот за плати на судиите, со кои законодавецот во февруари годинава го намали коефициентот за пресметка на месечните надоместоци на судиите, а во пакет донесе измени и на пет други закони со кои ги намали коефициентите за сите избрани и именувани функционери. Намалувањето на коефициентите следеше по скандалозното зголемување на платите на функционерите до 78 отсто лани во март, кога Уставниот ја укина фиксната основица, па остана платите на функционерите да се пресметуваат со основица – просечна плата од претходната година помножена со соодветен коефициент според сложеност на функцијата. За да не растат несопирливо платите како што расте просечната плата, Собранието со измени на шест закони ги намали коефициентите со што платите на функционерите останаа исти како по „зголемувањето“ и никој од функционерите не се спротистави, освен судиите и обвинителите кои побараа Уставниот суд да ги поништи нивните намалени коефициенти, но беа одбиени. За судиите, коефициентите кои беа во распон од 2,8 до 3,7 беа намалени на распон од 2,43 до 3,21, а кај Судскиот совет, од 3,7 и 4 се намалени на 3,21 и 3,47, со што платите им останаа исти како по ланското зголемување.
За Здружението за судии е спорно тоа што одлуката на Уставениот суд се применува ретроактивно, што според нив е неуставно, затоа што според Уставот законите не може да имаат повратно дејствие, освен кога тоа е поповолно за граѓаните.
– Отфрлањето на иницијативата за поништување на одредбите од Законот за плати на судии, кој е донесен на 29.2.2024 година, а почнува да се применува ретроактивно од 1.2.2024 година, е скандалозно, неприфатливо и де факто го урива правниот систем на државата. Оваа одлука е исклучително опасна за правниот систем, бидејќи овозможува ретроактивна примена на Законите, без исклучоци. Во таа смисла во иднина би се овозможиле бројни манипулации и злоупотреби при примена на законите кои ги регулираат правата и обврските на сите граѓани и би се создала правна несигурност во правораздавањето – се вели во реакцијата на Здружението на судиите.
Тие додаваат дека платите на судиите од 2012 година се замрзнати, иако во меѓувреме просечната плата во земјата двојно се зголеми и сметаат дека не треба да се манипулира со никакво зголемување на платите, туку дека станува збор за законито пресметување.
Здружението најавува нова иницијатива пред Уставниот суд за истито закон и тоа исклучиво за ретроактивната примена.
– Здружението бара од Уставниот суд, кој не е дел од судската власт, туку е државен орган со членови професори, правници, обвинители, па и судии избрани од Собранието, да не се додворува на законодавната власт, да не носи незаконити одлуки и да не ја поткопува и девалвира судската власт. Нивната надлежност е јасно утврдена во Уставот, па оттука треба да се држат до своите надлежности при одлучувањето, а не да носат одлуки кои се политички и популистички, со анализи и заклучоци кои се во надлежност пред се, на Заводот за статистика (дека платите на конкретна категорија граѓани се доволно големи). И судството во минатото беше незадоволно од бројните закони за амнестии и измени на Кривичниот законик, со кои се поткопуваше и девалвираше судското постапување, но и покрај тоа, имајќи ги предвид надлежностите на судовите, а тоа е примена на законите, судиите безусловно ги применуваа таквите закони – се вели во реакцијата.
Здружението бара Уставниот суд да постапува согласно неговите надлежности и најавуваат дека во спротивно ќе поведат постапка пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур за заштита на законитоста и на правата и слободите на граѓаните.
Од Уставниот суд велат дека нивните одлуки се конечни и извршни.
– Судот по предметната иницијатива одлучи, но дел од реакцијата на Здружението на судиите не соодвествува со уставната, правната и судската култура, кои се од исклучително значење за враќањето на угледот и на довербата на граѓаните во правосудниот систем и воопшто во институциите на системот – одговори Уставниот суд на обвинувањата од Здружението на судии.
Од Уставен велат и дека како заштитник на слободата на мислата и на јавното изразување ги поддржуваат размислувањата и дебатите во јавноста и особено се добредојдени сите реакции кои содржат издржана правна квалификација.
Инаку, според Законот за судовите, платата на судиите утврдена според одредбите на тој закон не може да биде намалена со закон или одлука на државен орган, а може да се намали само при утврдена дисциплинска одговорност. Но, според образложението на Уставниот суд, постапката за оценување на законските измени не беше поведена затоа што за Судот се неприфатливи наодите на подносителите дека со измените се загрозува независноста и самостојноста на судството. Судот тогаш оцени дека судиите и натаму земаат плата што одговара на нивниот статус, улога и дигнитет и дека нивната материјална состојба не е влошена. Сспоред Судот, намалувањето на коефициентите е извршено врз основа на закон што значи дека се неосновани наводите дека се прави упад во судската власт, бидејќи Собранието е она кое што е надлежно да ги носи законите.