Студија открива интересен феномен: Африканските слонови си даваат имиња едни на други

Фото: Pexels / Dick Hoskins

Истражувачите кои ги проучуваат слоновите забележале интересен феномен низ годините. Понекогаш, кога слон вика на група други слонови, сите тие одговараат, но понекогаш кога истиот слон ќе им упати сличен повик, само еден одговара.

Дали е можно слоновите да се обраќаат едни на други со звуци еквивалентни на име? Оваа идеја е поддржана од една нова студија која ги проучува дивите африкански слонови во Кенија.

Истражувачите анализирале вокализации, главно шумови произведени од слоновите користејќи ги нивните гласни жици, слично на тоа како зборуваат луѓето, произведени од повеќе од 100 слонови во Националниот парк Амбосели и Националниот резерват Самбуру, пренесува „Гардијан“.

Користејќи модел за машинско учење, истражувачите идентификуваа нешто што се чини дека е компонента слична на името во оние гласови кои идентификуваа одреден слон како наменет примател на пораката. Истражувачите потоа пуштија аудио снимка на 17 слонови за да тестираат како тие ќе одговорат на повикот кој очигледно бил упатен до нив, како и на повикот кој очигледно бил упатен до друг слон.

Во просек, слоновите реагирале посилно на повиците кои биле јасно упатени до нив. Кога слушале таков повик, тие се однесувале поентузијастички, тргнувале кон изворот на звукот и повеќе вокализирале отколку кога слушнале некој што е јасно наменет за некој друг.

Наодите на студијата покажуваат дека слоновите „се нарекуваат едни со други со нешто слично на имиња“, вели бихејвиоралниот еколог Мики Пардо од Универзитетот Корнел, главен автор на студијата.

„За да си се обраќаат едни на други на овој начин, слоновите мора да научат да поврзуваат одредени звуци со одредени поединци и потоа да ги користат тие звуци за да го привлечат вниманието на дотичниот поединец, што бара софистицирана способност за учење и разбирање на социјалните односи“, кажал Пардо.

„Фактот што слоновите се обраќаат едни на други како поединци ја нагласува важноста на социјалните врски и особено одржувањето на различни социјални врски за овие животни“, додал тој.

Слоновите, најголемите копнени животни на Земјата, се многу интелигентни и се познати по нивната одлична меморија, способности за решавање проблеми и софистицирана комуникација. Претходните истражувања покажаа дека кога се поздравуваат, тие се однесуваат комплицирано, односно имаат визуелни, звучни и тактилни гестови.

„Не знаеме со сигурност, но од нашата анализа се чини дека тоа обично се случува за време на контактни повици кога слон вика на друг поединец, често по име“, рекол биологот за зачувување на Државниот универзитет во Колорадо и ко-автор на студијата Џорџ Витемиер.

Тој додаде дека употребата на имиња била вообичаена и во комуникацијата на мајката со нејзините младенчиња, често за да ги смири или да ги провери.

„Мислевме дека ќе го најдеме и во церемониите за поздравување, но тоа беше поретко кај таквите вокализации“, додал Витемиер.

Употребата на гласовни знаци специфични за поединец – име – е ретка, но не без преседан во животинското царство.

Се покажа дека и делфините и папагалите го прават тоа, но кога го прават тоа, тие само ги имитираат вокализациите произведени од друго животно. Кај слоновите, гласните ознаки не се само имитација на звуците произведени од примачот.

„Наместо тоа, нивните имиња се чини дека се произволни, како човечки имиња. Обраќањето на поединци со произволни имиња веројатно бара капацитет за одреден степен на апстрактно размислување“, објансил Пардо.

Витемиер додаде дека оваа студија нагласува колку се интелигентни и интересни слоновите, изразувајќи надеж дека ќе поттикне поголем интерес за нивна заштита и зачувување. Додал дека иако би било фантастично еден ден луѓето да можат директно да комуницираат со слоновите, тоа се уште е недостижно, бидејќи не се познати синтаксата или основните елементи со кои вокализациите на слон ги кодираат информациите .

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот