
Стружани излегуваат на протест: Доста беше, депонијата мора да се реши!
Од 14 до 15 часот денеска граѓани ќе го блокираат кружниот тек на влезот во Струга во знак на револт поради постојаното горење на локалната депонија и, како што велат, „труењето на целата општина“. Организаторите порачуваат дека токму сега, во период на избори, одговорните се најранливи и време е стружани да покажат сила.
Препорачано
– Ако не направиме притисок сега, проблемот нема да се реши ни во следните четири години. Доста беше – депонијата мора да се реши! Без разлика на националност, вера или партиска припадност – сите го дишеме истиот воздух. Дојди! Се работи за нас, се работи за нашите деца! Ги повикуваме сите оние кои се во можност да се приклучат на протестот – се вели во соопштението.
Здружението „Охрид СОС“ потсетува дека уште во 2020 година Реактивната Мониторинг Мисија на UNESCO, ICOMOS и IUCN побарала затворање на нерегуларните депонии како Буково, Мауцкер и струшката, со рок од три години. Тој рок веќе е пробиен, а и по дополнителниот рок даден во 2024 година, властите не презеле конкретни чекори.
-Ниедна институција не презема одговорност, ниту ова прашање се најде во предизборни програми. Во меѓувреме, депониите го загадуваат воздухот, почвата и подземните води, а граѓаните од регионот се лишени од своето уставно право на здрава животна средина – велат од „Охрид СОС“.
Судот во Стразбур ќе одлучува за депонијата која ја труе Струга