
„Стоп за Вардариште“ утре наутро ќе го блокира мостот „Близнаци“, нема одговор од институциите
Иницијативата „Стоп за Вардариште“ утре наутро во 7,30 часот организира блокада на мостот „Близнаци“ мешу општините Аеродром и Гази Баба, а попладне во 18 часот закажан е и протест на истото место, каде граѓаните се собираат поради незадоволство од власта која не ги слуша нивните барања за решавање на проблемот со старата депонија.
Препорачано
„Го превземаме овој чекор поради истекување на рокот од 5 дена, кој го дадовме за започнување на исполнување на итните барања за воспоставување 24-часовен јавно достапен видео-надзор на депонијата Вардариште, 24-часовно физичко обезбедување, итно иселување и соодветно згрижување на лицата кои таму живеат бесправно и поставување на ограда околу Вардариште,“ посочуваат од Иницијативата.
Тие бараат од институциите да започне процес за конечно затворање на Вардариште, но и да се откријат и казнат сите кои досега предизвикуваат загадување со потпалување на пожари. Граѓаните бараат ригорозни мерки против граѓани и правни субјекти кои ќе продолжат да фрлаат отпад во Вардариште, со цел да се стави крај на ваквите незаконски активности.
Барањата, како што велат, ги доставиле до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, до Владата, Министерство за животна средина и просторно планирање, Министерство за внатрешни работи, Министерство за социјални политики, демографија и млади, Град Скопје, Општина Гази Баба и Општина Аеродром, но до сега не добиле одговор од ниту една институција.
Повторно ги повикаа сите граѓани да им се приклучат и апелираа до работодавците да покажат разбирање и толеранција кон вработените кои евентуално ќе задоцнат на работа и ги замолија возачите за разбирање за утринската блокада.
„Стоп за Вардариште“ со нови барања: Ако не се реагира ќе ги прошириме блокадите