
„Стоп за Вардариште“ со конкретни мерки за загадувањето: Депонијата е голема закана за нашето здравје
Не престанува проблемот со Вардариште и ширењето на неподносливата смрдеа низ целиот град. Граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“ предупредува дека континуираното палење на депонијата е голема закана за здравјето на луѓето, но и за животната средина.
Препорачано
„Според официјални податоци уште од 2014 г., на локацијата се претпоставува дека биле депонирани околу 2.500.000 м3 отпад. Точното количество на отпадот не се знае, како ни неговиот состав. Анализите укажуваат на високозагадена и контаминирана средина, како и дека покрај комунален е складиран и индустриски отпад. Резултатите од мониторингот уште во 2013/2014 г. укажувале на многу негативно влијание врз животната средина, особено врз подземните води.
Ова не е само еколошко прашање – ова е прашање на јавна здравствена безбедност. Секој ден без акција значи уште еден ден во кој децата, возрасните и сите граѓани вдишуваат отрови“ порачуваат од Граѓанската иницијатива Стоп за Вардариште.
Оттаму велат дека граѓаните кои живеат во близина на депонијата Вардариште, но и сите скопјани се изложени на штетни гасови, чад и канцерогени честички кои се ослободуваат при палењето на отпадот.
Медицински лица постојано предупредуваат јавно за последиците по здравјето, особено по здравјето на децата. Од Иницијативата велат дека не се работи за нов проблем, но дека неговата зачестеност и интензитет во последните месеци достигнаа алармантно ниво.
Тие упатија конкретни барања до надлежните институции – итно преземање мерки за гаснење на активните пожари на депонијата, континуирано обезбедување на локацијата со физичко присуство од страна на МВР и/или припадници на АРМ за спречување нови палења, поставување ограда околу целата депонија, како и поставување камери вклучително термални на повеќе точки низ Вардариште кои онлајн ќе бидат јавно достапни за сите граѓани 24/7.
Исто така бараат итно одвојување финансиски средства и од локалните самоуправи и од централната власт за спроведување на сите неопходни активности за санација и затворање на депонијата Вардариште, согласно еколошките стандарди. Предлагаат формирање независна комисија за испитување на причините за палењето и одговорноста, како и целосна реформа на системот на управување со отпад преку воведување концепт нула отпад.
За денеска во 18:30 часот најавија прес-конференција на раскрсницата кај паркот Авионче во Аеродром, со цел да ја алармираат јавноста и надлежните институции за сериозниот и континуиран проблем со палењето на депонијата, што резултира со секојдневно загадување на воздухот, почвата и водата во Скопје и околината.