
Стојчев по триумфот над Работнички: На првиот меч со Брегалница се виде разликата
После поразот дома од штипска Брегалница (1:2), екипата на Академија Пандев во својот втор натпревар од домашниот шампионат триумфираше убедливо на гостувањето кај Работнички со 0:5.
Препорачано
Крстевски двапати се запиша во листата на стрелците, еднаш Томовски, а автогол си постигна Јанакиевски во 24 минута од средбата.
Тренерот на „пандевци“ Ѓорѓе Стојчев е задоволен од освојувањето на трите бода и жали што поради отсуствата на одредени фудбалери не се направи поволен резултат и против Брегалница на стартот од Првата македонска фудбалска лига, односно фалеа седум-осум клучни играчи.
– На првиот меч против Брегалница многу се виде разликата, уште од почетокот на подготовките имаше многу повредени играчи. Повредата на Коста Манев сè уште не беше санирана, а го немавме ни во европските натпреварувања. Бојан Димоски имаше репрезентативен повик, за време на настапот на А селекцијата се повреди и него го немавме за дуелите против Лехија Гдањск, го немавме и на стартот од првенството. Против Брегалница недостасуваше и Димитар Митровски, клучен играч, исто така имаше ситна повреда. Маронг пред почетокот на шампионатот си замина од екипата, ќе направи трансфер најверојатно во Србија и новите засилувања Бојан Најденов и Мите Цикарски исто така немаа право на настап во првото коло, клубот ги регистрираше за второто коло. На дуелот против Работнички играа и Манев и Димоски, го немаме и натаму Митровски во комбинација, но со Најденов и Цикарски екипата полека се комплетира – ни изјави Стојчев.
Во следното коло Академија Пандев на 21 август дома ќе ги одмери силите против тетовска Шкендија.
– За мечот против Шкендија ќе ги имаме сите на располагање, освен Шаркоски кој се пожали на ситна повреда во текот на вчерашниот дуел и Митровски дали ќе биде 100% подготвен. Ќе биде дерби натпревар, после победата над Работнички, се надеваме на самодоверба кај екипата и се надеваме на нов триумф овојпат против Шкендија – вели Стојчев.