
Стојаноски: И тие два отсто доверба во судството се многу
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, изрази поддршка за денешниот протест на граѓаните поради трагичната смрт на 22-годишната Фросина Кулакова, и најави дека в петок во Собрание ќе започнат измените на законите, односно промена на квалификативите за што се обвинуваат сторителите на ваквите дела.
Препорачано
„Тоа што се случи вчера е еден грозоморен чин. Ние многупати во минатото сме апелирале на нефункционалност на системот, па загрижувачки е кога системот ќе почне да убива луѓе како тоа што се случи вчера, под нејасни околности, тоа лице коешто сторило неколку кривични дела не било таму каде што му е местото, туку на скопските улици“, рече Стојаноски во гостување на „Сител“.
„Треба да се проверат оние членови на законите кои што ги детерминираат казните за овие дела бидејќи сега, вака како што се поставени, некој судија може да ги толкува на еден или на друг начин. Веќе во понеделник ќе почнеме со поставка за организирање на јавна дискусија за да можеме ова прашање да го отвориме пред Собранието, и тоа експресно брзо ќе се случи веќе наредната недела. Да видиме како овие членови би се промениле со цел ваквите дивјаци, ваквите деликвенти, да бидат соодветно казнети и овие дела повеќе да не ни се случуваат“, рече Стојаноски.
Тој додаде дека и двата процента доверба во правосудството и судството се високи за работата која ја покажува правосудниот систем кај нас.
„Ние какви и закони да сакаме да направиме, ако тие луѓе не си ја работат работата или ако наоѓаат дупки во законите да го прават ова што го прават, тогаш тоа нема да ги даде одговорите на прашањата“, вели Стојаноски.
Тој додава дека треба да се интервенира во законите со цел да се одземе можноста за различно толкување и „да не се случува повеќе прогледување низ прсти за тие кои имаат кој да ги извади или врски во правосудството“.