Насловна корица на бугарското издание на „Преобразби/Метаморфози“

Стихозбирката „Метаморфози“ на македонската поетеса Весна Ацевска е објавена во Бугарија

Книгоиздателството „Либра Скорп“ од Бургас, Република Бугарија, го објави преводот на стихозбирката „Преобразби/Метаморфози“ од македонската поетеса Весна Ацевска.

Според Владимир Мартиновски, станува збор за издание во кое авторката, „надоврзувајќи се тематски на вечната митска тема за преобразбите, во повеќе наврати ги доловува сите можни (телесни и духовни, митски и современи, сонувани и одживеани на јаве, макрокосмички и лични, циклични и неповторливи, видливи и невидливи, лесно препознатливи и фантазмогорично очудени) преобразби“.

Рецензентката Весна Мојсова-Чепишевска нагласува дека „целата збирка го гради својот концепт на темелите на активниот дуалитет говор / тишина. Дуализмот ѝ е иманентен на структурата на секоја песна од ’Преобразби‘, зашто секоја песна пулсира меѓу јазикот/говорот и молкот/тишината, меѓу светлото и темното, јавето и сонот, водата и земјата“.

Покрај 60-те песни, изданието содржи и автопоетички есеј со наслов „Зошто ’Преобразби‘“, белешки од авторскиот дневник и од преведувачите, поговор од Владимир Мартиновски и е придружено со био-библиографска белешка за авторката.

Преводот на бугарски јазик го направија реномираните бугарски поетеси Роза Бојанова и Наталија Недјалкова. Ликовното решение на корицата, како и на целосниот графички дизајн на изданието е на Петра Лимоза. Печатењето на книгата е помогнато од страна на Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 256, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17.11.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот