Промоцијата ќе се одржи на 9 октомври, во 19:30 часот, во КИЦ-Скопје

Стихозбирката „Грозје од кукавица“ на Славе Ѓорѓо Димоски ќе има промоција во КИЦ-Скопје

Во Културно-информативниот центар – Скопје, со поддршка на Град Скопје, на 9 октомври, во 19:30 часот, во Салон „Империјал 2“ ќе се одржи промоција на стихозбирката „Грозје од кукавица“ на Славе Ѓорѓо Димоски. Книгата е во издание на „ПНВ Публикации“, а низ разговор со авторот ќе ја претстави Јулијана Величковска.

Поетот Славе Ѓорѓо Димоски (1959, Велестово, Охрид) завршил Филолошки факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Основач е и претседател на „Поетска ноќ во Велестово“, бил претседател на Управниот одбор на Националната установа „Струшки вечери на поезијата“. Член е на ДПМ, на македонскиот ПЕН Центар и на академијата „Анте Поповски“.

Автор е на деветнаесет стихозбирки, на шест книги за деца, на книги есеи и активно препејува. Негови поединечни песни и поетски циклуси преведени се на над триесетина јазици, а 19 одделни книги му се преведени на англиски, руски, српски, турски, шведски, хрватски, полски, азерски, бугарски и други јазици.

Наградуван е со повеќе домашни и меѓународни награди и признанија, меѓу кои „Браќа Миладиновци“, „Ацо Шопов“, „Антево перо“, „Григор Прличев“ за најдобра поема, Гран-при „Исток-запад“ (Романија), „Сергеј Есенин“ (Русија) и други. Застапуван е во сите антологии на македонската поезија објавени во Македонија и низ светот по 1982 година.

Изданието на стихозбирката „Грозје од кукавица“ е поддржано од Министерството за култура и беше во потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2024 година, што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот