
Стејт департментот официјално го извести Конгресот: УСАИД се распушта
Стејт департментот во петокот официјално го известил Конгресот дека ефективно ја распушта Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) и префрла некои од нејзините функции под своја контрола, објави мрежата „Си-ен-ен“, која имала увид во известувањето.
Препорачано
Реорганизацијата ќе биде извршена до 1 јули, соопшти Стејт департментот, практично затворајќи го УСАИД, агенција вредна повеќе милијарди долари која се бореше против сиромаштијата и гладот ширум светот.
Затворањето на агенцијата основана од Конгресот без да се консултира законодавната власт се очекува да предизвика правни оспорувања.
Администрацијата на Трамп го обвинува УСАИД за лошо управување со парите на даночните обврзници и финансирање програми во странство кои не се во интерес на САД. Сегашни и поранешни вработени во УСАИД и експерти за помош се спротивставија велејќи дека агенцијата, иако не е совршена, ги задоволува виталните хуманитарни потреби и ја зајакнува „меката моќ“ на Америка.
Во првите недели од своето владеење, администрацијата на Трамп се реши да го распушти УСАИД и да ја замрзне речиси целата странска помош, во очекување на ревизија на тие програми. Оттогаш, илјадници вработени во УСАИД беа отпуштени или пуштени на одмор, а договори за помош од милијарди долари беа откажани. Околу 900 вработени во УСАИД останале на работа од минатата недела, според друго известување од агенцијата до Конгресот.
Затворањето на агенцијата донесе тужби од хуманитарните групи и вработени во УСАИД, од кои некои опишаа мачни патувања дома од странство за кои не им беа надоместени. УСАИД беше главната почетна цел на Одделот за владина ефикасност (DOGE) на Илон Маск, кој укинува илјадници работни места и програми низ целата федерална влада.
Во известување до останатите вработени во УСАИД, Џереми Левин, соработник на ДОГЕ, кој е висок функционер во УСАИД, рече дека овој потег „значително ќе ја подобри ефикасноста, отчетноста, униформноста и стратешкото влијание во спроведувањето на програмите за странска помош – дозволувајќи им на нашата нација и претседателот да зборуваат со еден глас во надворешните работи“.
Програмите на УСАИД на кои им е дозволено да продолжат под Стејт департментот вклучуваат „хуманитарна помош, глобални здравствени функции, стратешки инвестиции и ограничени програми за национална безбедност“, се вели во известувањето на УСАИД до Конгресот, во кое имал увид „Си-ен-ен“.