
Стефановски го собори најстариот македонски рекорд. Уште колку „антички“ рекорди ни останаа?
Нашиот атлетски репрезентативец го собори македонскиот рекорд во скок со стап кој опстојуваше околку 57 години. Тоа е несомнено успех, но е и непријатен показател дека долги години отсуствува посакуваниот напредок во нашата атлетика, особено во некои дисциплини. Постојат уште неколку „антички“ македонски рекорди од минатиот век, прашање е кога ќе бидат соборени
Репрезентативецот на Македонија и атлетичар на АК Делта, Огнен Стефановски (20), собори национален рекорд во скок со стап кој опстојуваше уште од 1968 година. На Европското екипно првенство трета дивизија во Марибор, Стефановски прескокна 4,05 метри што е скромно во меѓународни рамки, но е национален рекорд на Македонија. Не зачудува радоста на Стефановски по успехот, а рекордот со видео-клип го одбележа и Европската атлетска федерација.
Препорачано
Стефановски го собори рекордот на Владимир Карер поставен во август 1968 година. Огнен го подобри тој „антички“ рекорд (3,90 метри) за цели 15 центиметри. Треба да му се честита на младиот атлетичар за рекордот и за напредокот во оваа дисциплина. Патем, со тој резултат Огнен го зазеде петтото место.
Но „долговечноста“ на овој македонски рекорд (околку 57 години) сведочи и за вкупната долгогодишна незавидна ситуација на кралицата на спортовите во нашава земја. Да опстои толку долго еден за денешни услови повеќе од скромен рекорд (3,90 метри) е показател за сериозен застој. Сепак, во последно време се чувствува и позитивно раздвижување, чиј главен носител е Дарио Ивановски, тркачот кој во неколку години, меѓу другото, подобри и цела низа национални рекорди.
Листа на „антички“ рекорди
На листата на национални рекорди од Атлетската федерација на Македонија од 2024 година, има уште неколку „антички“ рекорди на отворено во машка конкуренција и прашање е кога тие ќе бидат соборени.
Според оваа листа, сега наш најстар национален рекорд е оној во фрлачката дисциплина кладиво и е од 1971 година. Рекордер се уште е Илија Спасовски кој во јули таа година го фрлил кладивото 47,82 метри. Истата година, но во октомври, Ѓорѓи Вучков во Белград поставил македонски рекорд во тркачката дисциплина 3.000 метри стиплчејс (9:10,04).
Има уште неколку македонски рекорди од минатиот век во машка конкуренција, кои се уште опстојуваат, односно вкупно девет. Како на пример рекордот на 400 метри на Исмаил Мачев од 1983 година (46,27), или рекордот 400 со пречки од 1980 година на Бранко Илиевски (55,11).
Не е подобро ни во женска конкуренција
Кај жените, според листата на АФМ, има 12 рекорди кои се постигнати минатиот век. Рекордот на Елизабета Божиновска на 800 метри (2:09,8) е од мај 1981 година. Рекордот на истата атлетичарка на 400 метри (53,77) е од јуни 1983 година. Рекордот во штафетната дисциплина четири пати 400 метри (4:02,4) е од 1981 година, постигнат од штафетата на КК Работнички…
Не му е првпат на Стефановски
Стефановски во февруари минатата година собори уште еден „антички“ македонски рекорд во истата дисциплина скок со стап, но во сала. Огнен прескокна 3,65 метри, соборувајќи го рекордот на Карер од февруари 1969 година (3,60). Стефановски е и национален рекордер во десетобој (6.521 поени) и седмобој (4.879 поени), обата разултата постигнати годинава.
Патем, светскиот рекорд во скок со стап на Швеѓанецот Мондо Дуплантис е 6,28 метри на отворено и 6,22 метри во сала.

Марибор, чекор во добар правец
Атлетската федерација на Македонија го оцени настапот на Европското тимско првенство трета дивизија во Марибор како историски, беа постигнати неколку национални рекорди и најдобар пласман досега, осмо место.
Покрај рекордот на Стефановски, Андреас Трајковски победи во скок во далечина, Дарио Ивановски триумфираше на 5.000 метри, Миљана Ристиќ постави нов национален рекорд на 3.000 метри стиплчејс (11:49,49), Брајан Авиа освои бронза во скок во височина, штафетата 4×100 метри (Трајковски, Алексовски, Петров, Стојоски) постави нов национален рекорд (40,89 секунди) и сребро. Теа Алексовска постави нов младински рекорд во фрлање кладиво со 38,74 метри.
ВИДЕО | Огнен Стефановски во скок со стап го урна македонскиот рекорд стар 57 години