
Стефанија Несторовска со рецепт за здрави бургери и компирчиња
Инвентивната Стефанија Несторовска, која стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com, денеска ни носи рецепт за едно од омилените јадења кај нас – бургери. Како што вели самата Стефанија, тоа е еден и од нејзините омилени палео оброци, кои често ги приготвувала кога ја следела таа исхрана. Во секој случај, без разлика дали сте на палео исхрана или не, ова е одлична опција за вас, затоа што е супер здрав оброк во кој се застапени сите макронутритиви.
Препорачано
Состојки:
За бургерчиња:
– 300 гр мелено месо (јас користев микс од свинско + јунешко)
– 2 лажици брашно од хељда
– 1 јајце
– 1 лажичка сол
– 1/4 лажичка бибер
– 1 лажичка оригано
За компирчиња:
– 3 големи компири, млади
– малку маслиново масло или масло по желба
– сол и бибер
Начин на подготовка:
За бургерите само се додаваат сите состојки во сад и (најубаво со раце) се меша за сѐ да се соедини и да се добие смеса.
Се формираат плескавици во големина по желба. Јас сакав моите да бидат малечки, но вие одлучете за големенита на плескавиците.
Се загрева грил тава со малку масло за готвење на средно-висока температура. Кога убаво ќе се загрее, се додаваат бургерчињата и се пржат по 4-5 минути од страна или онолку колку што сакате да бидат испржени.
Компирите убаво и темелно се мијат. Јас лушпата не ја излупив зошто компирите беа млади. Но, и ова е по желба, може и лупени и нелупени. Се сечкаат на тенки ленти и се додаваат во голем длабок сад.
Се додаваат зачини, маслиново масло доволно, за да ги прелие сите, но не да се цедат во масло, и се промешува за секое компирче да биде опфатено со зачини и масло.
Јас пробав две опции на печење – двете подеднакво вкусни, така што по ваша желба е што сакате да користите.
За печење во рерна – се загрева рерната на 200 степени и се поставува хартија за печење на тава за печење. Се додаваат компирчињата така што не смеат да се допираат едно со друго. Значи, помеѓу секое компирче да има малку простор и само вака ќе бидат еднакво и екстра крцкави. Се печат околу 30-тина минути (со повремено превртување) или сѐ додека не се испечени по ваша желба. Се оставаат малку да се изладат, па се сервираат.
Опција за фраер – се загрева апаратот на 200 отсто и потполно истата постапка, само се додаваат во апаратот наместо во рерна. Зависи колкав ви е апаратот затоа што има различни големини, но важно е да бидат во еден ред – значи да не се преполни апаратот инаку нема да се испечат еднакво. Можеби ќе биде потребно да се печат и на неколку тури. Моите ги печев околу 15-20 минути со повремешно промешување, ова сепак ќе зависи од самиот апарат, големината на компирите и слично, така што проверувајте одвреме-навреме.
Вака подготвени бургерите и компирите може да се складираат во стаклен сад (кога ќе се изладат) до три дена без проблем. Пред оброк – подгрејте во фраерот или рерна и вкусно е како тазе направено.
Инаку, јас сакам да ги сервирам со многу зелена салата и тостирани семки одозгора. Лесен, брз и превкусен оброк.