
СТАВ | Чуда ретко се случуваат, ама ќе се обидеме
Ако успееме да го деблокираме овој процес и заедно со нашите партнери во ЕУ и со поддршка на САД најдеме решение за прашањата што доведоа до блокада, тоа сигурно ќе биде големо олеснување и за Словенија, не само за вашата земја
Иронија на судбината беше тоа што го преживеав првото словенечко претседателство со Европската Унија во првата половина на 2008 година во Софија. Во Бугарија ја водев нашата привремена дипломатска мисија, која ја отворивме само за време на претседателството, затоа што во тоа време немавме амбасади таму. Не можев да претпоставам дека 13 години подоцна ќе го поздравам второто словенечко претседателство со ЕУ токму во Скопје и дека билатералното прашање меѓу овие две земји ќе биде еден од главните предизвици со кои ќе се сретнеме и ќе се справиме како претседателство. Свесни сме дека главната мерка за успех на нашето претседателство за вашата јавност ќе биде дали Северна Македонија и Албанија ќе почнат преговори за пристапување со ЕУ оваа година или не.
Препорачано
Ако успееме да го деблокираме овој процес и заедно со нашите партнери во ЕУ и со поддршка на САД најдеме решение за прашањата што доведоа до блокада, тоа сигурно ќе биде големо олеснување и за Словенија, не само за вашата земја. Знаеме колку вложивте во вашата европска перспектива и знаеме какви се очекувањата од нашето претседателство, што не сакаме да ве разочараме. Затоа сме крајно мотивирани да го најдеме тоа решение. Не почнуваме од нула, на масата има добар португалски предлог на кој може да се работи понатаму затоа што ги има предвид интересите на обете страни и, ако беше усвоен, двете страни можеа да живеат со него. Никој веројатно не би бил целосно задоволен со ваквиот договор, но тоа е суштината на секој компромис. За жал, за време на португалското претседателство околностите очигледно сè уште не беа созреани и сега останува на нас да се обидеме да подготвиме терен за договор. Свесни сме дека за сериозни разговори треба да се чека формирање нова влада во Бугарија и се надеваме дека тоа ќе се случи најдоцна до крајот на август. Резултатите од нивните парламентарни избори во неделата навистина не се разликуваат од оние во април, но интересот за формирање влада, наместо нови избори, веројатно ќе биде поголем отколку што беше пред три месеци.
Како и да е, не сакаме да губиме време, затоа како земја претседавач веќе разговараме со разни актери, со цел што побрзо да добиеме појасна слика во која насока да бараме конечно решение по формирањето на владата во Софија. Вашите црвени линии се доволно јасни за нас и не треба да зборуваме многу за нив, освен да ве охрабруваме да продолжите да го избегнувате заострувањето на реториката во односите со соседите и да барате начини за релаксирање на политичката клима меѓу двете земји. Ова секако ќе го олесни наоѓањето решение, бидејќи за секој компромис е потребна заемна политичка волја, взаемна доверба и прагматизам.
Наша тивка желба е да постигнеме договор за почеток на преговори со Северна Македонија и со Албанија до самитот ЕУ-Западен Балкан на почетокот на октомври во Словенија, што воедно ќе биде и централниот настан на нашето претседателство. Тоа е исто така симболична потврда за тоа колку е важно за нас во следните шест месеци да повратиме барем дел од ентузијазмот во рамките на ЕУ за нејзино проширување, што беше изгубен во последната деценија, прво во финансиската, а потоа во мигрантската и во последната година и пол во ковид-кризата. Не сакаме да чекаме до декември, односно до последниот месец од нашето претседателствување, кога ќе завршат локалните избори во вашата земја и претседателските избори во Бугарија, бидејќи времето за решение ќе биде пократко во септември, кога соседната земја, барем се надеваме, ќе има влада со целосни овластувања и со претседател кој сè уште нема да биде во целосен предизборен режим. Ако напорите за постигнување договор уште за времето на португалскиот мандат во јуни не вродија со плод, поради внатрешната политичка ситуација во соседната земја, се надеваме дека во септември таа нема да биде пречка.
Да, сигурно ќе има и други пречки и никој не може да гарантира успех во овој момент, затоа сакаме да останеме реални како словенечко претседателство и да не ветуваме политички чуда затоа што ретко се случуваат. Но, имаме доверба во нашето знаење за регионот, трпеливост, пријателските односи со двете земји, помош од нашите партнери во ЕУ и САД и моќ на тивка дипломатија. Ќе водиме интензивен дијалог на различни нивоа со сите што можат да придонесат за конечното решение, значи за отворање на преговорите со двете земји кандидати уште во оваа година. Нагласувам – со двете. Бидејќи за Словенија и за огромното мнозинство на други членки на ЕУ, таканареченото раздвојување не доаѓа предвид, бидејќи тоа би било длабоко нечесно за Северна Македонија и би имало негативно влијание врз целиот регион доколку, по сите тешки политички одлуки кои земјата мораше да направи, да остане поназад. Таа повеќе од заслужено треба да ги почне преговорите заедно со Албанија.
Свесни сме дека барањето решение за деблокирање на преговарачкиот процес со двете земји ќе биде еден од главните предизвици на нашето претседателство и дека за вашата јавност сите други предизвици што не очекуваат нас како претседателство во следните шест месеци ќе бидат во втор план. Сепак, иако сè уште не сте членка на ЕУ, сепак сте дел од Европа, затоа тие теми треба да ве интересираат и вас. Како прво, мислам на прашања поврзани со контролата на илегалната миграција, која во голема мера транзитира низ Северна Македонија. Заради справување со ковид, сите заборавивме дека проблемите што ги натераа сите овие луѓе да ги напуштат своите домови и да се преселат во Европа не се решени и дека овој проток нема да запре. Може само да го контролираме.
Затоа Словенија сака да ги забрза преговорите за таканаречениот пакт на ЕУ за миграција и за азил, како едно од прашањата за кое сè уште нема договор во рамките на земјите членки. На крајот на годината планираме конференција на министрите за внатрешни работи на земјите членки на ЕУ и на Западен Балкан во Словенија, која ќе биде посветена и на таа тема. Тесно поврзано со тоа е прашањето за функционирањето на шенгенскиот систем, кого миграциската и ковид кризата го оддалечија од идеалот „ЕУ без внатрешни граници“ и што треба да се врати што е можно побрзо во времето кога преминувањето на границата го чувствувавме само како промена на операторот на мобилниот телефон.
Меѓу другите приоритети на нашето претседателство би го издвоил зајакнувањето на отпорноста на Европа кон кризи и нејзината таканаречена стратешка автономија, што на едноставен јазик значи намалување на зависноста на Европа од другите кога станува збор за стратешки производи. Што се однесува до храната, нема таков проблем затоа што ЕУ веќе произведува доволно храна за нејзините потреби, но со почетокот на пандемијата, дури и индустриски најсилните членки на ЕУ се најдоа во ситуација да купуваат маски и респиратори надвор од Европа затоа што сами не ги произведуваа, барем не доволно. Тоа беше големо отрезнување за сите. Во меѓувреме, работите веќе драстично се променија затоа што ЕУ брзо се сврте кон тоа производство, вклучително и кон производство на вакцини, но вирусот не исчезна и затоа Европа мора да биде многу поподготвена за следната криза. Една од словенечките иницијативи е формирање Европска здравствена унија, која ќе се грижи за паневропска координација во таа област.
Конференцијата за иднината на Европа, која симболично почна на годинашниот Ден на Европа на 9 мај, ќе се одржи речиси целосно за време на нашето претседателство. Постојат многу теми за дискусија, од веќе споменатото зајакнување на отпорноста на кризи и борбата против климатските промени до тоа како да се зајакне довербата на граѓаните во европските институции и да се зголеми ефикасноста во нивното донесување одлуки. Дебатата не е нова, само пандемијата радикално ја смени геополитичката состојба во светот и го „нападна“ сегашниот модел на дејствување на ЕУ, заснован на лични контакти и на слободно движење на капитал, луѓе и стоки. Со заминувањето на Велика Британија од ЕУ, тука е и прашањето за прераспределбата на моќта помеѓу одделни членки на ЕУ. Словенечкото претседателство, исто така, сака да ги вклучи граѓаните на Западен Балкан во оваа дебата, признавајќи дека нивната европска иднина е неразделно поврзана со иднината на ЕУ, на која ѝ е потребен регионот, доколку сака да остане најдоброто место за живеење во светот.
Вреди да се спомене дека нашето прво претседателство се разликуваше од ова второво откако Лисабонскиот договор стапи на сила само една и пол година подоцна, во декември 2009 година, па државата-претседавач тогаш играше позначајна улога отколку денес, кога многу од нејзините поранешни задачи беа преземени од Брисел или од локалните делегации на ЕУ. Што не ја намалува тежината на задачата која е пред нас, имајќи предвид дека во следните шест месеци, меѓу другото, ќе се занимаваме со околу 500 до 700 законодавни иницијативи што ќе треба да се усогласат помеѓу Европската комисија и Европскиот парламент, дека ние внатре во ЕУ ќе имаме важна улога во подготовките на климатскиот самит ма ОН во Глазгов и дека како претседателство ќе организираме околу 200 настани на различни нивоа. Засега сметаме дека повеќето од нив ќе бидат во живо, но во овој момент никој не може да предвиди каква ќе биде епидемиолошката состојба на есен, така што се подготвуваат и двете сценарија, односно и можноста за хибридни состаноци. Околу 2.500 службеници од различни министерства и од други институции се вклучени во претседателството, што е нешто помалку отколку во 2008 година, но сепак искуството што е зад нас од претходното претседателство и после 17 години членство во ЕУ имаме многу повеќе искуство со функционирањето на европските институции. Според општата проценка, одлично се претставивме при првото претседателство, како прва млада членка, која ја презеде таа обврска, и се надеваме на истата оценка и во декември.
(Ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се секогаш ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“).