
Српското издание на романот „Вештица“ од Венко Андоновски ќе има промоција на Белградскиот саем на книгата
Во салата „Васко Попа“ на Белградскиот саем на книгата, на 22 октомври, во 14 часот, ќе се одржи промоција на српското издание на романот „Вештица“ на Венко Андоновски.
Препорачано
По одличниот успех на бугарското издание на романот, „Вештица“ доживува веќе трето издание на српски јазик. Првите две беа објавени во Бања Лука, во превод на Гордана Јовиќ-Стојковска, а ова е прво издание на територијата на Република Србија. Издавач е „Кораци“ од Крагуевац, а преводот овојпат е на Љиља Цревар.
За книгата на промоцијата ќе говорат д-р Владимир Периќ, уредник во „Кораци“, преведувачката Љиља Цревар и авторот.
Еден од најпознатите светски современи автори, Милан Кундера, за романот „Вештица“ напиша: „Во ова сјајно полифонично дело, во кое разновидноста на наративните техники го изненадува и го радува читателот, потсетувањето на вештици и магии постојано е проследено и збогатено со приказни кои се сместени во современиот живот, така што ‘Вештица’ станува голем роман за Европа. За минатото и сегашноста на Европа. Но, доволно е. Не сакам да го раскажувам овој роман што не може да се раскаже. Ве молам да го прочитате. Со љубовта која ја заслужува.“
Во меѓувреме, во превод на руски јазик, најновиот роман на Андоновски, „Папокот на светлината“, ја доби меѓународната Толстоева награда „Јасна Полјана“ во Русија, како и наградата „Стале Попов“ за најдобар роман, што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија.
Една година по објавувањето, тој го доживеа своето петто издание, што подразбира 4 илјади продадени примероци. Отсега, романот, кој е цела една анатомија и историја на злото, за домашната читателска публика е повторно достапен во „Три“.