Средба со слем-поетот Горазд Китановски – Кени: Поезијата е збор, слемот е глас

Уникатен, креативен и, пред сѐ, позитивен, харизматичниот слем-поет од поновата генерација уметници Горазд Китановски, познат како „Kenny The Heartist“, досега има настапувано на повеќе културни настани и перформанси во Скопје и низ Европа.

Слем-поезијата е вид усна поезија каде поетите настапуваат читајќи или рецитирајќи свое дело. За оние што првпат слушаат за овој вид уметност, „Културен печат“ го праша Кени да објасни како дојде до тоа да го интересира слем-поезија и што го привлекува кај овој специфичен стил.

– Мислам дека таа дојде до мене, не ја одбрав – таа ме одбра. Претпоставувам дека и неизбежна средба беше тоа. Отсекогаш гласно сум зборувал за идеи, сум рецитирал стихови и безрезервно сум сакал да „хајпам“ луѓе. После одреден период од животот дознав дека таа дисциплина е наречена слем-поезија. Прекрасно, нели? – објаснува Кени низ смеа.

Објаснувајќи ја разликата помеѓу поет и слем-поет и говорејќи за начинот на кој се изразува, вели дека често знае да се заборави и да влезе во нова димензија.

– Поетот е вешт преведувач на љубовта и невидливите светови, додека слем-поетот гласно ги интерпретира истите. Кога читаме поезија, ја читаме со нашите гласови и дизајнираме наши слики во главата. Додека слем-поетот преку неговата интерпретација ти помага во дизајнирањето на сликите. Поезијата е збор, слемот е глас – ни раскажа Кени.

Инаку, идејата за поетското име ја поврзува со истоимениот лик од цртаната комедија „Саут парк“ со кој понекогаш се споредувал. Инспириран од константната жед на публиката за нови идеи, песни, иницијативи, движења, овој уметник има издадено и книги водејќи се од надежта да успее, макар и малку, да го промени животот на младите во Скопје на поубаво.

Во изјавата за „Културен печат“, Кени ни раскажа и каде досега настапувал и објавувал своја поезија.

– Смеам да се пофалам дека секој ден имам перформанс? Дали тоа да е во друштво, дома, по пат накај дома или во скопско кафуле. Локацијата и не е толку важна. Промоција на мојата прва книга направив во јавен автобус, мојот омилен – 41. Обожавам да настапувам каде што луѓето „најмалку очекуваат“ – вели тој.

Овој уметник од неодамна започна и со организирање концепт-настани насловени како „Поетување со Кени“.

– Во Скопје отсекогаш ми недостигаше место каде што ќе има „Open mic“ (отворен микрофон) и младите да имаат пристап до јасно и гласно изразување на своите таленти и идеи. Без разлика дали станува збор за поезија, стенд-ап, пеење или, можеби, едноставно само споделување на приказна. На настаните секогаш има и диџеј или музичари, така што – се „журкаме“ јако. Дојдете некогаш, тие настани не се опишуваат, туку се доживуваат – потенцира Кени.

Додава и дека во своите 28 години имал можност да има перформанс на многу настани, како локално, така и интернационално.

– Во Македонија би ги издвоил настапите на „Астални проекции“, „Коноп фест“, „Боб Марли деј“, Фестивал „Кокино – Тврдина на сонцето“, „МКЦ за Скопје“, „Коронијалс“ и, секако, националните натпревари во слем-поезија. Национален победник сум во слем-поезија за 2021 и оваа година ќе ја претставувам Македонија на европското првенство во слем-поезија – стискајте палци! Исто така, сум имал улични перформанси во Лисабон, Наполи, во театар во Романија (не ми текнува на името), фестивалот „Waldorfeszt“ во Унгарија, „We the 21st Centrury“ во Бугарија. Убаво е. Убаво е надвор, убаво е и дома – заклучува харизматичниот Кени.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 116, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 12-13 февруари 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот