
Средба со писателот Живко Грозданоски, новиот претседател на Друштвото на писателите на Македонија
На редовно изборно Собрание, што се одржа на 1 јуни, избрано е ново раководство на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ). На Собранието беа избрани новите раководни органи, а беа усвоени и измени и дополнувања во Статутот на Друштвото.
Препорачано
За претседател на ДПМ е избран Живко Грозданоски, а за членови на Управниот одбор се избрани: Зоран Анчевски, Виолета Танчева-Златева, Марина Мијаковска, Сузана В. Спасовска, Бранко Цветкоски и Димитар Пандев.
Избран е и Суд на честа, кој го сочинуваат Лидија Капушевска-Дракулевска, Санде Стојчевски, Анастасија Ѓурчинова, Владимир Мартиновски и Славе Ѓорѓо Димоски.
Раководството на ДПМ на 4 јуни ја одржа и својата конститутивна седница, на која за потпретседател на ДПМ беше избран Зоран Анчевски. Со кадровските и статутарните промени е отворен патот кон понатамошен развој на писателската асоцијација, а пред новиот претседател е поставен предизвикот да ја реализира најавената програма.
Што лично Ви значи изборот и која е првата замисла за работа како претседател на ДПМ?
– Лично, изборот ми значи многу, и на повеќе нивоа. Пред сè, затоа што отвора многубројни можности во насока на остварување најразлични размени: помеѓу книжевните заедници (во и надвор од Македонија), но исто така и помеѓу книжевниците и јавноста, со цел распространување на книжевноста, на читателството и воопшто на културата во заедниците. Освен тоа, изборот ми значи затоа што ДПМ би можело да биде гласот на обесправените, и тоа на глобално рамниште. Затоа што поетите и писателите се вистинските граѓани на светот, по малку како и монасите: сочувствуваат со болката на сите.
Понатаму, моето избирање за претседател ми значи затоа што тоа е на некој начин „шок“: обично се зема здраво за готово тоа дека оној што настапува искрено, со разбирање и со љубов, идеалистички – нема успех. Но, овде имаме „глич“, „грешка во системот“, збунувачки исклучок, кој верувам дека многумина ќе натера на размислување: можеби нема мудрост во тоа да се потпираме на групирањата и на „моќта“, можеби моќта е во тоа да се биде идеалист, да се биде на страната на љубопитноста и на вистината?
Најпосле, на едно најинтимно ниво, имајќи го предвид тоа дека микрокосмосите и макрокосмосите често се огледуваат, односно тоа дека, на пример, исцелувањето на заедничкото истовремено е и исцелување на поединечното; и имајќи го предвид тоа дека секој од нас е на некој наш, сопствен начин – нецелосен, не можам исцелувањето на ДПМ да не го гледам и да не го чувствувам и како мое лично исцелување. Во однос на моите први замисли за работа како претседател, би издвоил само неколку клучни зборови: консолидација, изработка на нормативни акти, запознавања и размени: помеѓу писателите, и со јавноста – изјави Живко Грозданоски за „Културен печат“.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 234, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 8-9.6.2024)