Според Мецола, проширувањето е стратешка инвестиција за Европа

Роберта Мецола
Роберта Мецола / 30 мај 2022 / Фото: EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ

Проширувањето на ЕУ е нејзина најсилна геополитичка и стратешка инвестиција насочена кон иднината и спроведувањето на овој процес заснован на заслуги го зајакнува европскиот континент, самата Унија и нејзиниот начин на живот, порача претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола во обраќањето на почетокот на дводневниот Самит на ЕУ во Брисел.

– Се наоѓаме на прагот на уште еден историски момент за нашата Унија. Наше е да одлучиме дали ќе ја искористиле историската шанса или таа ќе стане историски неуспех. Сега е време да го исполниме нашето ветување. Да покажеме единство и солидарност. Да покажеме храброст и решителност. Да покажеме дека ова може да биде победничка ситуација за сите. Отворањето на преговорите за пристап во ЕУ со Украина и Молдавија е следниот чекор кон тоа, истакна Мецола.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Мецола нагласи дека проширувањето е процес базиран на заслуги и исполнување на поставените критериуми, но секоја земја има своја патека кон остварување на поставените објективни цели, па затоа во услови на актуелната глобална геополитичка ситуација се создадоа услови да се отвори прозорец на можности за сите и ЕУ не треба да го затвора.

Според неа, ЕУ мора да опстои на цврстата политичка, воена, хуманитарна и финансиска поддршка за Украина, дури и кога тоа станува се потешко.

– Колку што е тоа морална обврска, толку е и стратешка одлука. Исто така, стратешко е да дојдеме до договор за новиот украински Механизам од 50 милијарди за кој Европскиот парламент гласаше во октомври. Затоа што тука се работи за инвестиции и раст. За Украина и за Европа. Украинскиот Механизам ќе помогне во обновата, реконструкцијата и модернизацијата на Украина, што ќе значи помала буџетска поддршка (од ЕУ) во иднина, заклучи Мецола.

Таа се осврна и на случувањата на Блискиот Исток, нагласувајќи дека ЕУ треба да стори повеќе за справување со хуманитарната криза во Газа и со последиците од терористичкиот напад на Хамас врз Израел.

– Дури и во маглата на војната треба да зборуваме за мир, за тоа како да спасиме невини животи, да го запреме теророт и да го почитуваме меѓународното право и за тоа како можеме да им понудиме надеж на Палестинците и Израелците, рече Мецола, додавајќи дека ЕУ мора да ја преземе водечката улога во трасирањето на патот кон иднината на Блискиот Исток и воспоставувањето трајна стабилност заснована на решение со создавање две држави – Израел и Палестина.

Мецола апелираше до шефовите на држави или влади на членките на ЕУ да постигнат договор за ревизија на Повеќегодишната буџетска рамка на Унијата, како и да се посветат на реформите во блокот.

– Европа покажа дека може да биде лидер, дека може да ги донесе потребните одлуки и денес можеме повторно да го преземеме лидерството, додаде Мецола.

Политиката на проширување на ЕУ, руската агресија врз Украина и европската поддршка за земјата и украинскиот народ, ситуацијата на Блискиот Исток и предложената ревизија на повеќегодишната финансиска рамка за периодот 2021-2027 година, се главни теми на дводневниот Самит на Унијата што започна денеска во Брисел.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот