Насловна корица на српското издание на книгата

Специјалното издание на „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ на Искра Чоловиќ и Свето Стаменов е објавено на српски јазик

Со наслов „Лабудова песма Заробљенице ветра“ е објавено српското издание на специјалното издание на книгата „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ (радио-елегија за првата македонска поетеса Даница Ручигај) на Искра Чоловиќ и Свето Стаменов, поранешни новинари на Македонското радио – Радио Скопје и познати македонски публицисти.

Книгата, чие македонско специјално издание беше објавено кон крајот на минатата година и кое беше посветено на 90-годишнината од раѓањето на првата македонска поетеса и основоположничка на т.н. женско писмо во современата македонска поезија и литература, воопшто, Даница Ручигај (1934–1963) и на годишнината од ненадејната смрт на Искра Чоловиќ (1960–2023), доајен на македонското радио-спикерство, новинар и публицист, на српски јазик ја преведе познатата српска поетеса, преведувачка и литературна критичарка од Нови Сад Снежана Алексиќ Станојловиќ, а како нејзин уредник и приредувач се јавува поранешниот словенечки амбасадор во нашава земја, дипломат, универзитетски професор, писател и поет Милан Јазбец.

Инаку, Искра Чоловиќ и Свето Стаменов со книгата „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“, која првпат беше објавена во 2016 година и која на српски јазик беше објавена и во 2019 година, исто така во превод на Снежана Алексиќ Станојловиќ, фактички го започнаа серијалот на изданија посветени на Даница Ручигај во кој наредните години се наредија: „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“ (2016), „Недореченост, о проклета да си“ – антологија на песни посветени на Даница Ручигај (2018), „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ – аудиоиздание (2018), „Лабудова песма Заробљенице ветра“ (2019), „Даница Ручигај – Песна над песните“ (2020), „Даница Ручигај и книжевната критика“ (2021), „Сребрени ноќни игри и Заробеници на ветрот“, јубилејно издание по повод шеесетгодишнината од трагичната смрт на првата македонска поетеса Даница Ручигај (2023) и „Сребрне ноћне игре и Заробљеници ветра“ (2023). Кон крајот на минатата година, пак, беше објавено специјалното издание на двојното аудио ЦД „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ (радио-елегија за првата македонска поетеса Даница Ручигај).

„Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ е своевидна книга – потомок или, подобро кажано, концентрат на мегапроектот – серијалот од пет специјални едночасовни радиоемисии „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“, кој беше посветен на педесетгодишнината од трагичната смрт на првата дама на македонската поезија и литература Даница Ручигај и скопскиот катастрофален земјотрес и кој беше емитуван на програмата на Македонското радио – Радио Скопје во текот на јули и август 2013 година.

Поконкретно, оваа книга е своевиден аудиокнижевен проект, есенција за најважното, најскапоценото, но и најсетното од животописот, но и поетопис за најпоетесата меѓу македонските поетеси, раскошната и незаборавна Даница Ручигај, која остави длабоки и неизбришливи траги не само во современата македонска поезија, туку и во македонската култура, воопшто.

Книгата има структурални делови: авторски текст – коментар кон животот на поетесата и нејзиното време на човечко и творечко опстојување, избрани стихови од двете нејзини антологиски стихозбирки „Сребрени ноќни игри“ и „Заробеници на ветрот“ и автентични искажувања на петнаесетина нејзини современици, пријатели и следбеници: м-р Златица Поповиќ Ручигај, Евгенија Шуплинова, Иван Чаповски, Михо Атанасовски, Гордана Михаилова Бошнакоска, Коле Чашуле, Светлана Христова Јоциќ, Звонко Стојановиќ, Људмил Спасов, Кристина Николовска, Васил Тоциновски, Александар Прокопиев и Ирена Павлова де Одорико.

Ова специјално издание на „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ на српски јазик, покрај воведните текстови на уредникот и приредувач проф. д-р Милан Јазбец и на преведувачот Снежана Алексиќ Станојловиќ, е збогатено со пригодни текстови на проф. д-р Васил Тоциновски, проф. д-р Кристина Николовска и проф. д-р Димитар Пандев.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 279, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 3-4.5.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот