Македонска делегација во Прага / Фотографија: Министерство за култура и туризам

Соработката меѓу Македонија и Чешка се интензивира со конкретни проекти и иницијативи

Во рамки на официјалната посета на Чешката Република, делегација од Министерството за култура и туризам на Република Македонија, предводена од државниот секретар Марија Станчевска-Ѓоргова, оствари успешни работни средби со колегите од Министерството за култура на Чешката Република и со директори на сродни културни институции.

Остварените средби се од исклучително значење и ја потврдија одличната соработка меѓу двете држави во областа на културата. Особено беше истакната континуираната и принципиелна поддршка што Чешката Република ѝ ја дава на Република Македонија во оваа сфера.

Досегашната соработка, која е официјализирана преку Спогодбата потпишана во 2009 година, резултираше со многубројни успешни проекти и културни иницијативи, кои ги приближија авторите и уметниците и ги претставија богатите традиции и културното творештво на двете земји.

Државниот секретар Ѓоргова предложи нови конкретни иницијативи за продлабочување на културните врски, како што се: размена на проекти во областа на музичко-сценската и театарската дејност, преводи на дела на автори од двете држави, како и презентација на колекциите од македонски и од чешки автори. Исто така, беше предложена размена на експерти од креативните индустрии.

Директорите на НУ Национална опера и балет, Оливер Арсовски, и на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, исто така, изразија поддршка за реализација на конкретни проекти и копродукции меѓу институциите на двете земји.

Во рамките на посетата, делегацијата ја посети и изложбата на познатата јапонска уметница Чихару Шиота во „Кунтсхале Прага“ (Kunsthalle Praha), каде што се одржаа работни состаноци со претставници на Националната галерија и на други значајни културни институции.

Оваа посета е значаен чекор напред во унапредувањето на културната соработка и размената на идеи меѓу Македонија и Чешката Република, известија од Министерството за култура и туризам.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот