Фото: Слободен печат/ Методи Здравев

Сообраќаен колапс: Реконструкцијата на Теодосиј Гологанов стартуваше есенва, ја тера зимата, ќе ја дочека ли и пролетта?

Веќе четврти месец сообраќајот колабира во строгиот центар на Скопје поради реконструкцијата на улицата Митрополит Теодосиј Гологанов. Откако неодамна беше завршена работата на лентата која води кон ценарот на градот, сега е раскопана и затворена за сообраќај другата лента, на потегот од крстосницата со булевар Свети Климент Охридски, па сѐ до кружниот тек со раскрсницата на улицата Мито Хаџивасилев Јасмин.

Скопјани во часовите кога сообраќајниот метеж го достигнува врвот, заглавуваат со автомобилите токму на оваа крстосница, а според динамиката на работите на терен, нервозите сигурно ќе им потрајат уште месец – два.

Фото: Слободен печат/Методи Здравев

Од Град Скопје, веќе вообичаено, нема одговор до каде е реконструкцијата и дали поради тоа што поради градежните зафати на улицата сериозно се отежнува одвивањето на сообраќајот во овој дел од градот, постои можност обновата на улицата порано да заврши. Со оглед дека едната лента се работеше до скоро, повеќе очигледно е, дека работите ќе потрајат.

Дото: Слободен печат/ Методи Здравев

На почетокот на реконструкцијата, градоначалничката Данела Арсовска најави дека рокот на изведба е пет месеци, а дека Градот за обновата на булеварот ќе потроши 43 милиони денари. Но, како што рече, со овој проект се решава еден голем проблем за жителите кои редовно транзитираат на овој дел на центарот на градот и дополнително се зголемува безбедноста и сигурноста за учесниците во сообраќајот.
Реконструираниот булевар треба да има и нови пешачки и велосипедски патеки и дополнителни велосипедски ленти на коловозот.

Реконструкцијата опфаќа градежни работи на коловозот од 5350 м2, велосипедска патека и тротоари од 4500 м2, нови рабници, градежни работи на нова фекална канализација Ф600 мм, изведба на нова водоводна мрежа, ново улично осветлување со лед светилки со контролери – истакна Арсовска на почетокот на градежните работи.

Но, додека не заврши изведбата скопјани ќе заглавуваат во тесното сообраќајно „грло“, со надеж дека добрите временски услови ќе потрајат и дека нема да падне снег па реконструкцијата да се оптегне до пролет. Друго ништо не им преостанува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот