Собранието го изгласа Предлог законот за минимална плата

По долга дебата власта и опозицијата го изгласаа Законот за минимална плата. Со 59 гласови за, власта и опозицијата ги изгласаа измените во Законот за минимална плата. Со нив минималната плата сега ќе изнесува 14.500 денари.
Опозицијата со став дека нема предрасуди за зголемување на минималната плата, но дека има забелешки на тоа зошто Законот се носи без да биде направена детална анализа за штетата што ќе ја предизвика врз економијата и бизнисот.
– Ние ќе гласаме за минималната плата. Но, периодот е сомнителен, пред избори. Со Законот се бара начин за глас повеќе, свесни сте затоа што ги чека изборен период. Овој закон не се базира врз реални економски факти, рече Лилјана Затуровска од ВМРО-ДПМНЕ.
За пратениците на власта, покачувањето на минималната плата е исполнување на ветеното со изборната програма со која дошле на власт.
– Не гледам ниту конфузност ниту контрадикторност. Зголемувањето на минималната плата е решение што ќе ја зајакне социјалата, ќе го подигне стандардот и не е популистичка мерка, туку мерка во согласност со програмата. Доколку не се покачеше минималната плата, би ве запрашала дали 9.000 денари, колку што беше платата, ќе беа доволни да се наполни потрошувачката кошничка“, реплицира пратеничката на СДСМ, Снежана Калевска.