УВМК Фото „Слободен печат“ Драган Митрески
УВМК Фото „Слободен печат“ Драган Митрески

Со условни казни „паѓаат“ матичарите што си седеле дома, а им течела плата, заедно со шефовите што ги криеле

Раководител на Управата за водење матични книги во подрачната канцеларија Дебар доби условна казна затвор од 6 месеци откако на суд призна дека во службената евиденција го водел помладиот референт како „присутен на работа“ иако овој го немало два месеци. Тој дури и изготвувал лажен извештај за работата на вработениот помлад референт во кој пишувало дека во февруари и март 2022 година истиот е „присутен на работа“, иако за целиот период вработениот не се појавил.

Наместо после првите 5 неоправдани отсуства да му почне постапка за откажување на работниот договор, вработениот неоправдано отсуствувал дури 38 последователни работни денови со што раководителот му овозможил да остане во работен однос и да остварува лични приходи, покажува пресудата на Основниот суд Дебар што ја виде „Слободен печат“.

И втор раководител на истата матична служба е осуден за злоупотреба на службена положба, ама во отсуство и без да признае вина. Тој не се појавил во суд зашто бил во Америка. Осуден е затоа што од април до декември 2022 година му дал одмор на помлад референт вработен во Управата иако вработениот немал непрекинат работен однос од најмалку 6 месеци, а не ни бил во Македонија за да може законски да му следува правото на одмор. Така наместо вработениот референт да добие „шут карта“ тој добивал плата, со што оштетен бил државниот буџет.

Дека ваквото поведение на „работа од дома или од странство“ не се исклучок во подрачната единица на Управата за водење матични книги во Дебар покажува и последната кривична пријава поднесена од Секторот за внатрешни работи Скопје против тројца вработени во УВМК кои се од Скопје. Се работи за  Ј.Б.(41), Г.А.(37) и К.Н. (34).

Ј.Б. и Г.А. се сомничат за сторени кривични дела – „несовесно работење во службата“ и „фалсификување исправа“, додека К.Н. за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.

Првопријавениот во текот на 2024 година постапувајќи несовесно во извршување на своите надлежности и овластувања не извршил надзор за кој бил должен над третопријавениот со оглед дека К.Н. воопшто не се појавувал на своето работно место во периодот од јули и август 2024 година и не ги извршувал своите работни задачи. А за тој период истиот бил евидентиран како присутен на работно место, со што првопријавениот му овозможил да се стекне со материјална корист во износ од 47.119 денари, пишува во кривичната пријава од СВР Скопје.

Второпријавениот, според истата кривична пријава постапил несовесно и спротивно на законските прописи, затоа што бил должен да знае дека третопријавениот во одреден временскиот период бил надвор од државата. Наместо тоа, истиот го евидентирал како присутен на работното место во листата на редовност и врз основа на внесените работни часови му овозможил да му биде исплатена плата и да се стекне со материјална корист во износ од 103.772 денари.

По ова, спротивно на законските прописи третопријавениот си продолжил да доаѓа на работното место, а му била направена исплата, при што го оштетил Буџетот на државата во износ од 150.891 денари.

Уште во 2021 година кога Државниот завод за ревизија вршел ревизија на Управата за водење матични книги, меѓу другото навел бројни слабости со вработените.

„Вработени се лица на определено време без да се планирани во планот за вработување за 2019 година, согласноста од Министерството за финнасии за вработување опфаќа вработување на 23 лица за работни места кои не се систематизирани во актот за систематизација додека 31 лице е распределено да извршува работни задачи во друга подрачна единица од онаа за која е добиена согласноста, што предизвикува пречекорување на бројот на систематизирани работни места за 25 работни места“, пишува во последниот ревизорски извештај за оваа институција кој се однесува на 2019 година.

Во него се додава дека Управата ангажирала лица по договор за дело за извршување работи кои се во рамките на дејноста на работодавачот, во договорите отсуствуваат одредби кои го дефинираат обемот на обврските кои треба да се извршат и начинот на кој обврската ќе се потврди како завршена што пак претставува основа за исплата на надоместокот согласно договорот.

Управата според ревизорот тогаш немала воспоставено ни електронско евидентирање на полното работно време и прекувремената работа на вработените.

Тогаш ревизорот констатирал и системска слабост која се однесувала на Законот за трансформација во редовен работен однос, кога не бил утврден максималниот процент на лица кои може да се ангажираат, поради што им се дозволувало на субјектите да ангажираат лица со договор на дело над законски утврдениот максимум.

Во текот на 2019 година Управата ангажирала лица со договор за дело за „внесување податоци во електронскиот матичен регистар“ за што исплатила дури 8 милиони 984 илјади денари. Тие лица ангажирани со вакви договори за дело, извршувале работи кои се во рамките на дејноста на работодавачот, што не е во согласност со член 252 од Законот за работни односи.

Лицата со договор на дело биле ангажирани за подолг временски период од 24 месеци, односно во 2018, 2019 и 2020 година, врз основа на дадени едногодишни согласности од Министерството за финансии, повторно противзаконски. За ист предмет на работа биле ангажирани лица со различен степен на образование, а им бил исплаќан и различен надоместок. Препораката од Државниот ревизор била одговорното лице на Управата да преземе мерки и активности за преиспитување на начинот на ангажирање на работници со договор за дело за вршење работни задачи, како и за вработување на лица и пополнување на работните места предвидени со актот за систематизација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот