
Со реконструкцијата на ул. Орце Николов ќе се намали коловозот и бројот на паркинг места (ВИДЕО)
За десетина дена ќе започне реконструкцијата на најфрекфентната улица во Општина Центар, ул. Орце Николов.
Препорачано
За рокот за изградба и идејното решение денеска во Скопски агол на „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ зборуваше Кире Секуловски, раководител на сектор за управување со градежно земјиште.

– Општина Центар започна со еден некласичен метод на проширување. Значи, ги следиме европските примери, каде што за сметка на коловозните ленти, ги прошируваме велосипедските и пешачките патеки, а предвидено е и подолжно паркирање. Коловозот наместо 7 метри, ќе биде шест метри, бидејќи идејата е да се стимулира велосипедски сообраќај, вели Секуловски.

Тој објасни дека за да се ослободат тротоарите од автомобили, ќе се воведе подолжно паркирање.
– Ќе се формираат џебови долж улицата, со што ќе се намали бројот на места за паркирање, но ќе се зголеми простор за движење на родители со деца и пензионери, додава Секуловски.
Тој нагласи дека во моментов се наоѓаат во постапка на евалуација на понудите.
– Во моментов се наоѓаме во фаза на евалуација на понудите. За десетина дена би требало да завршат активностите околу набавката и да започнеме со работа. Мислам дека за околу 90 дена би требало да заврши комплетната реконструкција. Ќе се работи во две фази. Од булевар Климент Охридски до Општина Центар и од Општина Центар до Рузвелтова. Изработивме и времен режим на сообраќај каде што, додека се работи на едната коловозна лента, другиот дел ќе биде слободен, објаснува Секуловски.
Тој нагласи дека предизборниот период нема да влијае на планираните активности, кои зе во Буџетот на Општината за 2020 година.