Настанот ќе се одржи на 19 декември во кафе и филм „Котур“

Со промоција на публикацијата „Без здив“ платформата „Медуза“ ќе одбележи шест години од основањето

Феминистичката платформа „Медуза“ на 19 декември во кафе и филм „Котур“ колективно ќе го одбележи нивниот шести роденден со промоција на годинашната публикација „Без здив“. Разговорот со уредничките Душица Лазова и Калиа Димитрова ќе го води професоката и актерка Кристина Леловац и ќе почне во 20 часот. На настанот ќе бидат достапни бесплатни примероци од публикацијата.

– Насловот „Без здив“ бара да се соочиме со социо-политичката и културна смрт што ни го гуши духот, особено духот на младите, со отровниот воздух, еколошките катастрофи, неконтролираното градење и неодржливите инфраструктури, препознавајќи ги како феминистички прашања. Здивот ни застанува и со секоја нова победа на екстремната десница, што носи пораст на мизогинија, расизам, ксенофобија и хомофобија, со секоја фотографија од рушевини и скршени тела од непрекинатиот геноцид во Газа, што ги зафати и Либан и Сирија.

Здивот е во тесна поврзаност со телесните и афективните состојби врз кои влијае опкружувањето, како загубата и тагата и правото на нивно обжалување, но и точките на вриење и (колективно) лудило. Затоа, без здив остануваме и од воодушевеност додека сведочиме за надежта и упорноста на глобалното вмрежување и солидарноста предводени од маргинализирани групи, активист(к)и и студент(к)и низ светот што храбро истапуваат против неправдите. Шокот нѐ буди, нѐ тера да застанеме и да (за)бележиме – истакнуваат од „Медуза“.

Во книгата со свои авторски дела се застапени Анастасија Марковска, Бојана Јованоска, Борјан Гаговски, Дамјана Видическа, Грација Атанасова, Дарко Алексовски, Марија Бошковска, Ивана Батев, Стефан Алиевиќ, Нина Критички, Лири Кучи, Филипа Сара Попова и Татјана Срцева Павловска.

Како и досега, за фантастичниот дизајн на книгата се погрижи Кристина Атанасова, а фотографиите користени во книгата се на фотографот Жарко Чулиќ од неговата прва авторска изложба „Гравитација во пауза“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот