Сцена од претставата „Снежана и седумте џуџиња“ на Битолскиот театар

Со претстава на Битолскиот театар и концерт на Драган Даутовски почна јубилејното „Македонско културно лето“ во Албанија

Во живописниот Пустец во Република Албанија од 1 до 5 јули се одржува јубилејното 20. издание на „Македонско културно лето“, во организација на Здружението на Македонците по потекло од Албанија „Сонце“. Фестивалот, кој претставува симбол на културната виталност и самобитност на Македонците во Албанија, нуди богата програма со театарски претстави, концерти, изложби и активности за најмладите.

Настаните се одвиваат на неколку локации, вклучувајќи го плоштадот „Гоце Делчев“ и Музејот на Стерјо Спасе во Глобочани. Фестивалот беше отворен на 1 јули со претставата „Снежана и седумте џуџиња“ на НУ Театар Битола, а вечерта заврши со концертот „Мала Преспа – Голема Песна“ на Драган Даутовски и ансамблот „Илинден“.

Претставата „Снежана и седумте џуџиња“ е поставена по текст на Љубивое Ршумовиќ, но се употребени и референци од бајките на браќата Грим во режија на Драгана Милошевски Попова, драматург е Билјана Крајчевска, сценографијата е на Валентин Светозарев, костимограф е Андреј Ѓоргиевски, композитор на музиката е Марјан Неќак, а кореограф е Игор Киров.

Во театарската изведба на „Снежана и седумте џуџиња“ публиката е сведок на борбата помеѓу доброто и злото, преплетена со хумор, емоции и музика. Улогата на Снежана ја игра Ана Грамосли, а во останатите улоги играат Никола Стефанов, Јулијана Мирчевска, Катерина Аневска Дранговска, Борче Ѓаковски, Никола Пројчевски, Маријан Ѓоргиевски, Живко Борисовски, Александар Димитровски, Петар Спировски, Александар Копања и Марија Стефановска. Суфлер е Гордана Михајлова, а инспициент е Димитар Михајловски.

Во следните денови на „Македонско културно лето“ ќе биде изведена претставата „Вечера за глупаци“ на НУ Театар „Ј.Х.К. Џинот“, концерт на Сашко Костов и Орхидеја Дукова, изложба на фотографии од Охрид и Преспа, како и детската претстава „Рибарот и златната рипка“ според Пушкин. Свеченото затворање е предвидено за 5 јули, во 14 часот, со настап на ансамблот „Преспа“ на сцената во „Остров Мал Град“. Настанот се одржува со поддршка на Министерството за култура и туризам на Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот