Проба за првиот концерт во новата сезона 2025/26

Со концертот „Класика. Рестарт“ почнува новата концертна сезона на Македонската филхармонија

Новата концертна сезона 2025/26 на оркестарот на Македонската филхармонија, тематски насловена „#Без филтер“, се отвора со концертот „Класика. Рестарт“ на 2 октомври, во 20 часот.

Под диригентската палка на Јарухам Шаровски (Израел) како солист ќе настапи Сантијаго Кањон Валенсија – виолончело (Колумбија), а на програмата се делата „Македонска парафраза“ бр. 2 на Б. Илин, Концерт за виолончело и оркестар во е-мол оп.85 на Е. Елгар и Симфонија бр. 8 оп. 88 од А. Дворжак.

Програмата за новата концертна сезона на прес-конференција ја претставија Мустафа Имери, директор на Македонската филхармонија, и концерт-мајсторите Анна Кондратенко и Владимир Костов.

– Оркестарот на Македонската филхармонија и во сезоната 2025/2026 ќе тргне во нова звучна авантура со возбудливи солисти и диригенти кои ја испишуваат денешната историја на класичната музика и се етаблираат на светската сцена како врвни уметници. Нашата публика повторно ќе има привилегија да доживее неповторливи мигови на врвно уметничко задоволство.

Веќе осум децении, Филхармонија на РСМ е единствен репрезент на симфониското музицирање кај нас и бастион на класичната музика во државата. Музичарите се главните двигатели на нашата институција, која со гордост чекори напред – со нова енергија и елан кон нови предизвици, приспособувајќи се на современите тенденции, а во исто време останувајќи верен чувар на традицијата која му пркоси на времето и опстојува како modus vivendi.

Новата музичка сезона на Македонската филхармонија не случајно е насловена „#Без филтер“. Она што ѝ го нудиме на публиката е чиста музика – без шминка, без технолошки разубавувања, уметност во својот најавтентичен облик.

Живееме во време во кое се промовираат инстант-вредности, време во кое повеќе од кога било ни е потребен компас, но и ветер во едра што ќе нè врати кон основните естетски и социјални критериуми врз кои треба да се гради секое здраво општество. „Музиката е морален закон. Таа му дава душа на универзумот, крилја на умот, лет на имагинацијата и живот на сè“, вели Платон – филозофот кој верувал дека музиката директно влијае врз карактерот на луѓето и уредувањето на државата. Оваа мисла, всушност, ја рефлектира нашата основна мисија: да едуцираме и да промовираме вистински вредности, наспроти шундот и кичот што нè преплавија.

Свесни сме дека квалитетот на музиката е мерка и за квалитетот на самата држава. Затоа ќе продолжиме посветено да ја градиме и да ја промовираме нашата музичка приказна, верни на традицијата и отворени кон современите текови. Класичната музика не е минато, таа е наша сегашност и иднина. Таа е искра што го осветлува патот и мудрост што му пркоси на времето – истакнува директорот Мустафа Имери.

Покрај значајните концерти, солисти и диригенти, посебен акцент е ставен на гостувањето на Македонската филхармонија во Виена.

Оркестарот на Македонската филхармонија на 28 октомври ќе одржи концерт во „Златната сала“ на една од најзначајните светски концертни сцени „Музикферајн“ во Виена – дом на Виенската филхармонија и место каде што секој 1 јануари се одржува најпознатиот Новогодишен концерт во светот.

Настапот на Македонската филхармонија на сцената на „Музикферајн“ во Виена претставува заокружување на прославата на 80-годишнината од формирањето на оркестарот, а воедно ќе се одбележат и 30 години од воспоставување на дипломатски односи меѓу Австрија и Македонија.

На концертот во Виена како солисти ќе настапат Ана и Игор Дурловски, а диригент ќе биде маестро Јерухам Шаровски од Израел. На програмата се „Македонска парафраза бр.2“ од Бете Илин, „Тешкото“ од Глигор Смокварски, Пет традиционални македонски песни во оркестарски аранжмани на композиторот Сони Петровски и Симфонијата бр.8 од Антонин Дворжак. Програмата претставува спој на македонската музичка традиција и фолклор и европската класика.

Концертот на Македонската филхармонија во „Музикферајн“ е поддржан и е дел од Годишната програма за 2025 година на Министерството за култура и туризам.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот