Фото: Wikipedia

Со „Бели мугри“ го трасираше патот на современата македонска книжевност: На денешен ден пред 116 години е роден Кочо Рацин

Коста Апостолов Солев или познат како Кочо Рацин е роден на 22 декември 1908 година, во Велес. Се смета за еден од основоположниците на современата македонска книжевност, а неговата стихозбирка „Бели мугри“ (Загреб, 1939) претставува едно од најзначајните дела во современата македонска поезија.

Освен со поезија, Рацин се занимавал и со проза, а напишал и неколку значајни трудови од областа на историјата, филозофијата и книжевната критика.

Иако неговото семејство не било моќно да го школува, покрај грнчарскиот занает, Коста самиот учел и читал книги, за да може да стекне некакво образование. Неговата творечка дејност опфаќа поезија, проза, историски записи, филозофија, есеи и критика.

Кочо користел неколку псевдоними во текот на својот живот, неговиот најпознат е Рацин, по неговата прва љубов Рахилка (Раца) Фирфова Ѓоргова. Рацин во текот на својот живот испратил 34 картички до Раца (од кои 7 се изгубени), а во една од нив, од 6.10.1928, напишал.

„Го земам твоето име како мое, а затоа ти подарувам бесмртност, кондензиран воздив по тебе, „Антологија на болката“, и мое портре, ако побараш, капка крв од моето тело и душа – веќе имаш … Прости ми или проколнувај – сеедно. Едно само жалам: Што не ја чув смислата преку звукот на твоите зборови или барем нивната трага со мастило. „

Рацин имал неколку големи љубови за кои пишувал, а на прашањето братот на една од неговите љубови Руменка, зошто не се ожени, тој одговорил:

„Јас сум венчан за марксизмот и револуционерната борба, за партијата. Вторпат ќе се женам кога ќе победиме. Тогаш, три дена и три ноќи сакам да свират зурли и тапани, така што да чуе цел Велес и јас самиот дека Кочо Солев се жени со слободна Македонија“.

По излегувањето од затвор, во 1938 година, Рацин работел во Белград, во печатницата на весникот „Правда“. Во Белград, Рацин живеел полулегално и живеел во станот на Александар Вучо, а своите текстови ги потпишувал со иницијали или со разни псевдоними. Во овој период Рацин бележи особена творечка активност, која кулминирала во 1939 година кога ја објавил својата стихозбирка „Бели мугри“. Во меѓувреме пишувал и објавувал неколку статии и трудови од областа на литературната критика, филозофијата и историјата, што од него ќе направат најпознат македонски интелектуалец и прогресивен мислител на просторите на Кралството Југославија.

Рацин неколкупати бил во апсен и затворан. На 5 мај 1943 година Рацин тргнува од Скопје во партизани, со група од осуммина, меѓу кои е и Добривое Радосавлевиќ. По пристигнувањето во одредот „Кораб“ станува уредник на партизанскиот весник „Илинденски пат“ и подготвува две збирки на македонски народноослободителни песни.

Вечерта на 13 јуни 1943, додека се враќал во партизанската печатница на планината Лопушник, Кичевско, смртоносно бил застрелан од Мино Миновски, партизанот кој го чувал пристапот кон печатницата. Според податоците кои ги наведува Перо Коробар, при тоа Рацин бил на триесетина метри подолу од него, а партизанската база се наоѓала на 300-400 метри од печатницата.

Има две верзии околу смртта на Рацин. Според првата, станува збор за несреќен случај, поради вродената наглувост, Рацин не го чул повикот на стражарот да застане и да се идентификува, по што тој го истрелал смртоносниот куршум кон Рацин.

Според втората верзија, тој е намерно убиен. Според некои наводи, Страхил Гигов политички го изолирал Рацин и го организирал неговото убиство, а сомнежи дека се работи за наместен случај фрла и податокот дека Рацин, пред заминувањето во партизани и на патот до партизанскиот одред, веројатно влегол во судир со Добривое Радосавлевиќ, како и податокот според кој на Рацин му бил одземен пиштолот додека бил во партизанскиот одред.

Во чест на Кочо Рацин од 1964 година во Велес се одржува поетската манифестација „Рацинови средби“, која од 1992 стана поетска манифестација на балканско ниво.

Родната куќа на Рацин во Велес во 1956 година е претворена во спомен-музеј.

Во 2007 година во Велес, исто на 13 јуни, е промовиран филмот „Елегија за тебе“, со Васил Зафирчев во главната улога.

Традиционално, во негова чест се одржува планинарскиот марш „Цвеќе за Рацин“ на планината Лопушник, во близина на местото каде тој е застрелан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот