Сметките и во стари згради и куќи може да се преполоват – како до енергетската ефикасност?

Фото: „Слободен печат“ / Драган Митрески

Како се постигнува користење помалку енергија без да се намали комфорот на граѓаните – тоа е цела наука. Секако дека за тоа треба инвестиција, а нашиот стандард е мал и граѓаните веднаш се откажуваат, вели Катерина Петрушевска, претседателка на Здружението на лиценцирани енергетски контролори, и посочува дека треба да постои фонд за енергетска ефикасност преку кој ќе се нудат одредени олеснувања, плаќање на рати или доделување грантови. Резултатот може да биде намалена сметка од 4.000 денари на 2.000.

Со примена на енергетска ефикасност, сметките за парно греење од 4.000 денари би можеле да се намалат на 2.000 денари, тврди Катерина Петрушевска, претседателка на Здружението на лиценцирани енергетски контролори. Енергетска ефикасност се постигнува со сет мерки и процедури, кои доведуваат до користење помалку енергија за да се овозможи иста услуга, без притоа да се намали комодитетот.

Петрушевска вели дека енергетски ефикасни може да станат и постари станови и згради. Но, за тоа треба да се инвестираат пари и да се подигне свеста на граѓаните што добиваат со таа инвестиција.

Во Западна Европа има стари згради што успеале да стигнат до заштеда на енергија од 90 проценти, значи стигнале до тоа да бидат пасивни објекти. И во Македонија има примери на заштеда на енергија до 70 проценти. Како се постигнува тоа, има цела една наука. Нормално е дека за тоа треба инвестиција, а нашиот стандард е мал и граѓаните веднаш се откажуваат. Но, треба да постои фонд за енергетска ефикасност, преку кој ќе се нудат одредени олеснувања, плаќање на рати или доделување грантови. Притоа, најважно е да им се објасни на граѓаните што добиваат, односно дека во еден стар стан од 80 квадратни метри за кои плаќаат парно 4.000 денари, со замена на прозорци и со изолација на фасада со пресметка, според методологија од правилникот, тие ќе плаќаат 2.000 денари – вели Петрушевска.

Она на што сме сведоци е дека дел од граѓаните што ставиле нови прозорци, или фасада, потоа создале нов проблем – мувлата, но Петрушевска објаснува дека и за тоа има решение.

Мувлата се јавува поради кондензација на одредени критични места, топлински мостови. Решение е еден систем што е како рекуператор, вентилација, при што го зема надворешниот воздух што го загрева на 21 степен, а го изнесува со потиснување отпадниот воздух и тоа работи без бучава и со многу мала потрошувачка на енергија – објаснува Петрушевска.

Притоа, таа нагласува дека не е важно само да се направи енергетски ефикасен објект, туку треба да се приспособи и затоплувањето на таквиот објект.

Во рамките на еден проект е правена евалуација на заграда во скопска Автокоманда. Евалуацијата покажала дека немало заштеда затоа што немало регулација во системот за парно греење. Топлината скокнала на 24 Целзиусови степени и се отворале прозорци. Во овој случај, има енергетско ефикасни мерки, а нема заштеда – вели Петрушевска.

За жал на оние со мал буџет, паушалните решенија од типот ставање ленти на прозорци, според Петрушевска, не се мерки за енергетска ефикасност и нема да донесат заштеда.

Со ленти само нема да дува директно ветер од прозорците, а не може да се заштеди. По физички закони, топлината бега од потопла кон поладна средина. Фигуративно ова би го објаснила со нашето облекување, ако облечеме топла облека, ако ставиме скијачки костим, нема да ни биде студено. Така е и со објектите, сѐ е до опремата. Прво објектот треба да се заштити со изолација. Дури после може да зборуваме за енергетски ефикасни системи за греење, без „капутот“, тие ќе бидат бадијала.

И во стари и во нови згради, студот најмногу доаѓа од долу и од горе.

Ако има под станот голем ладен подрум, се изолира внатрешната страна на подрумот со полистирен со соодветна дебелина или со друг соодветен материјал што е соодветен, притоа треба да се внимава на инсталациите. Изолацијата на покрив е минимум 20 сантиметри според Правилникот. Дури во новите згради што треба да се изведуваат покрај фасадната изолација и добри квалитетни сертифицирани прозорци, и во внатрешното скалишно јадро што не се грее, се предвидува изолација – појаснува Петрушевска.

АУДИО Катерина Петрушевска, претседател на Здружението на лиценцирани енергетски контролори

Секој петти се грее на струја, половина се греат на дрва

Според податоците од Пописот во 2021 година 22,4 проценти од семејствата се греат на електрична енергија. Имено, од 592.632 домаќинства, на клима се греат 69.535, со електрична печка 40.717 и со парно на струја 23.856 домаќинства, или вкупно на некој начин, а со електрична енергија се загреваат 134.107 домаќинства од сите 598.632 домаќинства. На дрва се греат 312.337 домаќинства, или 52 проценти. Со парно греење, на Пописот се запишале 45.772 домаќинства. Има што се греат и со нафта, па дури и со јаглен. Еден голем дел од населението, и покрај Пописот, не е познато како се греат, а за жал 3.461 се изјасниле дека се без греење.

 

Илустрација: Елисавета Бејкова

Државниот завод за статистика има издадено две публикации „Потрошувачка на енергија за домаќинствата 2019“. Во 2019 година, просечната површина на живеалиштата на домаќинствата во Република Северна Македонија изнесувала 84,3 квадратни метри, при што домаќинствата загревале околу половина од површината, односно 45,4 квадратни метри. Според анкетата што ја направиле статистичарите, околу третина (32,3%) од домаќинствата ја подобриле енергетската ефикасност со топлинска изолација на живеалиштата. Топлинската изолација е најзастапена кај домаќинствата од Југозападниот и од Скопскиот Регион, а домаќинствата во Југоисточниот Регион изолирале само 14,2 проценти од живеалиштата.

Во однос на енергетската ефикасност на електричните апарати и електронските уреди што се користат во домаќинствата, може да се забележи дека 44,5% од домаќинствата користат електрични шпорети со некоја од А класите (А, А+, А++, А+++), додека 58,3% од домаќинствата користат машини за перење што припаѓаат на некоја од А-класите (А, А+, А++, А+++), во однос на употребата на фрижидерите најмногу се употребува комбинираниот со две врати, чија примена опфаќа 6,2% од сите А-класи, пишува во публикацијата.

Што прави државата за да им помогне на граѓаните?

 

Министерството за економија како надлежно министерство за политиките во делот на енергетиката, поддржува активности за промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност. За таа цел, Министерството за економија почнувајќи од 2007 година спроведува соодветна програма. Врз основа на оваа програма се објавуваат јавни огласи за секоја од мерките за надоместување на дел од трошоците, објаснуваат од Министерството.

Според податоците што ги добивме од Министерството за економија, за вградување сончеви колектори кај домаќинствата досега се субвенционирани 9.101 домаќинства, а се потрошени 127 милиони денари, или околу 2 милиони евра.

Поточно, за надоместување дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинства заклучно со 2019 година се субвенционирани 7.301 домаќинства, од вкупно 17.435 апликанти, на кои им се обезбеди поврат на дел од средствата што ги потрошиле за купени и вградени сончеви колектори до 30 проценти, но не повеќе од 300 евра во денарска противвредност, а исплатени се приближно 106.000.000 денари од Буџетот на државата. Според направените анализи, со оваа мерка се постигнати заштеди на финална енергија од 981 мегават-часови годишно, а намалувањето на емисии на CO2 е 897 тони на годишно ниво, соопштија за „Слободен печат“ од Министерството за економија.

Во 2020 и во 2022 година не се реализирани програми.

Во 2021 година програмата предвидуваше надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата до 30 проценти, но не повеќе од 10.000 денари по домаќинство, во вкупен износ од 6.000.000 денари, а се субвенционирани повеќе од 600 домаќинства.

За годинава, обезбеден е поврат на средства во висина до 30 проценти, но не повеќе од 15.000 денари по домаќинство, под услов купувачите досега да не користеле средства од државниот буџетот за купување сончеви системи. Програмата предвидува 15.000.000 денари. Субвенционирани се 1.200 домаќинства.

Мерката за замена на ПВЦ или алуминиумски прозорци за првпат беше воведена во 2017 година и Министерството за економија заклучно со 2019 година субвенционираше 3.853 домаќинства од вкупно 6.751 апликанти, на кои им беше обезбеден поврат на дел од средствата кои ги потрошиле за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци до 50 проценти, но не повеќе од 500 евра во денарска противвредност и исплатени се приближно 105.700.000 денари од Буџетот. Со реализацијата на оваа мерка се постигнати заштеди на финална енергија од 373 мегават-часови годишно, а намалувањето на емисии на CO2 е 83 тони на годишно ниво, велат од надлежното Министерство.

Во 2020 и 2022 година не е реализирана мерката. Во 2023 година се предвидени 25.000.000 денари. Со програмата за оваа година се предвидува поврат на средства во висина до 50 проценти, но не повеќе од 20.000 денари по домаќинство на околу 1.300 домаќинства.

Значи, вкупниот износ на искористените субвенции со планираната програма за годинава е 155.700.000 денари, односно околу 2,5 милиони евра за 5.153 домаќинства.

 

Графика: Елисавета Бејкова

Гостиварци штедат на фасади, струмичани субвенционираат гас

 

Покрај помош на централно ниво, и општините треба да играат значајна улога во промоција на енергетската ефикасност преку развивање и спроведување стратегии што овозможуваат заштеда на струја во административни згради, училишта, градинки, улично осветлување и преку поттикнување на подобрувања на енергетската ефикасност во објектите за живеење или во деловните објекти.

Слободен печат“ посети два града, односно две општини. Бевме во Гостивар каде што можевме да забележиме многу куќи без фасади, а бевме и во Струмица, каде што има стари, но има и многу нови фасади и заменети прозорци.

Во Гостивар нè пречека градоначалникот Арбен Таравари. Тој се согласува дека во општината има многу, како што вели „црвени објекти“ (без фасади) и вели дека народот сè уште не сфаќа дека инвестицијата во фасада, во нови прозорци, за неколку години ќе се исплати. Тој вели дека Општината спроведува повеќе проекти со кои се прават заштеди во јавните институции, но и преку кои се обидуваат да ја променат свеста на граѓаните.

Во Гостивар има многу „црвени објекти“, посебно куќи. Ние како општинска власт се обидовме да инвестираме во повеќе објекти што ги контролираме, особено во училишта и градинки, сè со цел да се заштеди. По 24 февруари минатата година имаме особен скок на цената на струјата, но веќе 6 години работиме на енергетската ефикасност. Конкуриравме и во Светска банка за општинската зграда и се надевам дека многу скоро ќе почнеме со инвестицијата. Има многу училишта каде што интервениравме, еве на пример во ОУ „Гоце Делчев“ каде што има повеќе од 1.000 ученици имаме нов покрив и нова фасада, во училиштето „Исмаил Ќемали“ исто со повеќе од 1.000 ученици има сменети прозорци и дел од фасадата. Потоа во гимназијата „Панче Поповски“ каде што има 700-800 ученици, исто така има нови прозорци и врати… – вели Таравари.

Згради во Гостивар со и без фасади / Фото: „Слободен печат“ / Драган Митрески

Тој рече дека е изготвена физибилити-студија и дека очекува набрзо да се имплементира, со што на сите училишта и на општинските објекти би биле ставени соларни панели.

Сите овие проекти бараат доста пари, а една од можностите е наменска општинска обврзница за која и Општина Гостивар размислува. Таравари вели дека размислувале и за субвенционирање на граѓаните за да може да стават фасади, или нови прозорци, но дека досега не биле во можност.

Не бевме во можност, ние бевме опозициска општина речиси 5 години и само во последните 7-8 месеци сме дел од Владата, но неколку години Општината даваше субвенции за инвентори за домаќинствата и тоа беше добро прифатено од граѓаните – вели Таравари.

Згради во Гостивар со и без фасади / Фото: „Слободен печат“ / Драган Митрески

Целиот разговор со градоначалникот Арбен Таравари погледајте го во продолжение:

 

 

Градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов вели дека предизвик на современото време е сериозно буџетирање за енергетската ефикасност и на заштитата на животна средина, како компатибилна тема.

Вреди да се спомене дека Струмица е првиот град во државава со секундарна гасификациска мрежа, имаме 43 километри секундарна гасификација. За жал, работиме со виртуелна гасификација, што значи дека природниот гас го декомпресираме. Сите општински институции, училишта, градинки и болницата се приклучени на гас, а имаме и околу 400 приклучени домаќинства, како и 10 приватни компании. Општината, благодарение на зеленото светло на советниците, обезбеди субвенција од 10 денари по потрошен метар кубен за домаќинства. Тоа е олеснување, ако се земе предвид дека сега цената е 53 денари со ДДВ. Но, сметам дека треба да се промени данокот на додадена вредност, затоа што за пелети се плаќа 5 проценти, а за природен гас 18 проценти – рече Костадинов.

Тој најави дека и за потребите на општината ќе се гради фотонапонска централа.

 

Општина Струмица / Фото: „Слободен печат“ / Драган Митрески

 

Во однос на самата заштита на топлината во објектите, Костадинов рече дека во сите училишта и градинки има интервенции на фасади и прозорци.

ООУ ”Сандо Масев” во Струмица / Фото: „Слободен печат“ / Драган Митрески
Фотолтаици на ООУ ”Сандо Масев” во Струмица / Фото: „Слободен печат“ / Драган Митрески

 

Што се однесува, пак, до  субвенционирање граѓани за фасади, прозорци и евентуално фотоволтаици, не е направена некоја анализа, но смета дека треба голем буџет.

Можеби би требале еден или два милиони евра, а постои опасност од незадоволство од граѓаните. Би се соочиле со тоа некој што аплицирал да не добие субвенција, а друг да добие – вели Костадинов.

Костадинов тврди дека во однос на апликациите за европски пари за обновливи фасади, Струмица е шампион.

Имаме одличен тим, има посебен оддел во општината за меѓународна соработка и за европските фондови. Станува збор за тим од 15 луѓе, кои се надградувале низ годините – објаснува Костадинов.

Тој најави поставување фотоволтаици на институциите по јавно-приватно партнерство, или пак со самофинансирање.

Целото интервју со градоначалникот Костадин Костадинов погледајте го во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот