Фото: илустрација / Водовод и канализација

„Слушнавме детонација, земјата се стресе“, сведочат жители на Влае откако пукна голема цевка и го остави половина Скопје без вода

“Беше само прашање на време кога ова ќе се случи”, изјави жител на скопската населба Влае, кој живее на стотина метри од местото каде што синоќа буквачно експлодира голема водоводна цевка, оставајќи го половина главен град без вода.

„Ненадејно, почувствувавме жесток потрес и земјата, заедно со домот, затреперија. Се слушна силна детонација. Помисливме дека е сеизмички потрес. Излегов надвор и тогаш го видов вистинскиот размер на настанот. Целиот тој дел од сообраќајницата беше разнесен, а парчиња од коловозот беа расфрлани насекаде. Потоа се отвори кратер. Дошло до оштетување на цевката под висок притисок. Овде, асфалтот на оваа улица е само неколку сантиметри, а огромни и тешки камиони поминуваат тука за изградба на згради“, вели за МИА жителот на Влае.

Како последица на тоа, речиси половина Скопје, особено во Влае, Карпош, Тафталиџе, Козле, па се до Центар, почувствуваа намален притисок на вода, која течеше со значително послаб интензитет. Бевме на самото место на настанот.

Експлозијата се случи на самиот крај од улицата „Франце Прешерн“ во Влае, во делот кој се протега покрај реката Вардар. Поради дефектот, по улицата течеше уште еден поток.

Екипи на „Водовод и канализација“ синоќа дојдоа на локацијата, но во моментот не можеа ништо да направат.

Испуканиот и уништен асфалт ја отсликуваат силината на детонацијата и од него станува јасно зошто земјата и куќите во околината се затресле, а луѓето мислеле дека се работи за земјотрес.

Во меѓувреме, зголемен проток на вода се обезбедува преку цевката од другата страна на Вардар.

ВИДЕО | Пукна водоводна цевка во Влае, без вода останаа повеќе делови на Скопје

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот