
Случајот за наводните злоупотреби на Теута Арифи во Општина Тетово вратен на повторно разгледување
Вишото јавно обвинителство Гостивар го врати на разгледување до Тетовското обвинителство обвинението на градоначалникот Биљал Касами против поранешната градоначалничка Теута Арифи за оштетување на општинскиот буџет за над милион евра. Претходно, Тетовското обвинителство одлучи дека нема елементи за покренување на предмет за злоупотреба на службената должност, објави „Алсат“.
Препорачано
Поради доцнење и пресметана камата, како и ненавремено следење на судските постапки поврзани со случајот од страна на општината, општинскиот буџет е оштетен за над милион евра, тврди Касами, кој го обвини судството за политичка пристрасност и неактивност.
„Ова е еден од најтипичните случаи на злоупотреба на буџетски средства за предмет на експропријација што всушност беше проценето на 50.000 евра, додека од општина Тетово биле изнудени над 1 милион евра. Ги следевме сите судски процедури, но за жал заробеното судство досега не презема ништо. Но, се чини дека има светлина на крајот од тунелот. Деновиве добивме позитивен одговор од Вишото обвинителство во Гостивар, кое наложува тетовското обвинителство да поведе кривична пријава против организирана група за сите инволвирани во овој случај. Првично бевме во контакт со адвокатот кој ја застапуваше општина Тетово, тој се правдаше дека не презел никакви чекори бидејќи некој од општина Тетово му дал упатства да не постапува по овој предмет“, вели Касами.
Предметот се однесува на имот на поранешната противпожарна станица на булеварот „Маршал Тито“ во Тетово, кој му бил одземен на сопственикот во осумдесеттите години на минатиот век. По правна битка со жалби и пресуди која траела со децении, извршена е спорната проценка на вредноста на објектот, според која општината во 2022 година исплатила 1,1 милион евра.
Според пријавата на Касами, во наводните злоупотреби биле вклучени уште неколкумина вработени во Општина Тетово, како и вработени во Основниот суд Тетово.