Словенија 20 години во ЕУ и НАТО, успех изразен во бројки

Една од најмалите членки на ЕУ со околу 2 милиони жители, на 1 мај Словенија одбележува две децении од приклучувањето на европското смејство, а на 29 март, прослави 20 години од приклучувањето на НАТО, заедно со Бугарија, Естонија, Летонија, Литванија, Романија и Словачка.

Словенија стана членка на Унијата, во група од десет земји. Тогаш во ЕУ влегоа Кипар, Чешка, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Малта, Полска и Словачка. Ова беше најголемото проширување, како по бројот на луѓе, така и според земјите.

Граѓаните на референдум го потврдија пристапувањето кон двете интеграции, при што поддршката за влез во НАТО беше помалку убедлива од поддршката за влез во ЕУ. Зачленувањето во воениот сојуз го поддржале 66 отсто од гласачите, а повеќе од 90 отсто биле за унијата.

Со приклучувањето кон евроатлантските интеграции, земјата ги постигна клучните надворешно-политички цели. Две децении подоцна, кога геополитичката ситуација во Европа е сосема поинаква, Словенците остануваат наклонети кон ЕУ, а има поголема воздржаност во однос на НАТО.

Европска Словенија во бројки

Податоците покажуваат дека земјата од интегралниот буџет на ЕУ добила вкупно 13,5 милијарди евра европски фондови, а во него уплатила 8,7 милијарди. Директните економски придобивки за Словенија се 4,8 милијарди евра.

Во периодот 2021-2027 година на државата и припаѓаат до 11,3 милијарди евра европски пари. Од нив 9,2 милијарди евра се повратни средства (средства во редовниот буџет на ЕУ кои мора да се уплатат во буџетот на ЕУ или заеми), а 2,1 милијарди евра се грантови.

Словенија/ Фото EPA-EFE/IGOR KUPLJENIK

Минимална плата 1254 евра, просечна 1477 евра

Пред влезот во европската унија минималната плата во Словенија изнесувала околу 500 евра а денеска минималецот е 1254 евра. Во согласност со Законот за минимална плата (ZminP), минималната плата се прилагодува најмалку еднаш годишно на порастот на потрошувачките цени, и таа годинава е порасната за 4,2% во однос на лани.

Просечната бруто-плата за јануари 2024 година изнесува 2.317,82 евра а просечната нето плата изнесува 1.477,34 евра. Споредено со платата за јануари претходната година, таа номинално е повисока (во бруто износ за 8,1%, во нето за 5,6%) и реално (во бруто износ за 4,6%, во нето износ за 2,2 %).

По влезот во НАТО, Словенија издвои 1,5 отсто од својот бруто домашен производ (БДП) за одбраната, но во 2014 година тој беше помалку од еден процент. Само во последните години уделот значително се зголеми и во 2022 година достигна 1,29 отсто.

Стапка на невработеност 4,7%

Со влезот во ЕУ, Словенија отвори пазар од неколку стотици милиони, доби финансиски и развојни предности и успешно премина од социјализам во демократија и пазарна економија.

Реалниот увоз на стоки е зголемен за 40 отсто, а на услуги за 43 отсто. Во 2003 година Словенија имала скромен дефицит од 80 милиони евра а од 2009 година наваму има само суфицит. Словенија ужива стабилна и растечка економија со највисок БДП од сите транзитни земји.

Според податоците на Светска Банка, БДП по глава на жител изнесува во2004 изнесувал 13.000 а денеска 28.430 американски долари.

Фото: Med Cruise Guide /Љубљана

Индустрија

Индустријата во Словенија претставува важен дел од економијата, бидејќи Словенија е една од најиндустриските земји во Европската унија. Индустријата генерира 26% од бруто домашниот производ (БДП) на Словенија. Според последните достапни податоци на Заводот за статистика за 2020 година, во Словенија во 2004 имало околу 9 илјади компании а денеска 21.978 кои се активни во индустријата. Дури 92 отсто од индустриските компании (20.117 фирми) биле регистрирани во производствени дејности, а во нив биле вработени 214.694 лица.

Словенечката индустрија оствари 30,3 милијарди евра приход од продажба во 2020 година, што претставува 26,7% од вкупната економија.

Најголемите словенечки компании се и најголемите извозници: Крка, Петрол, Лука Копер, Горење, Триглав, Сава и Интеревропа се само некои од перјаницата на тамошното добро спастрено стопанство, што го препознаа и странските инвеститори, како што е Рено, кој производството на моделот Клио го довери на фабриката Ревоз, кај Ново Место.

Демографија тренд на зголемување на населението и старосната граница

Словенија, во 2004 година, имаше еден 1 милион 990 илјади жители, денес таа брои два милиони и 117 илјади, спротивна демографската слика низ која поминуваат останатите земји од Балканот.

Просечниот Словенец пред 20 години можел да доживее 73,5 години, додека денес просечниот маж во таа земја живее до 78 години, или четири и пол години повеќе. Во исто време, животот на просечна жена се зголеми за две и пол години, од 81 до 83,5 години. Бројот на деца во детските градинки се зголемил од 54.800 на дури 86.700, додека процентот на деца кои одат во градинките се зголеми од 61 на 80.4 проценти.

Од 2004 до денес, бројот на приклучоци на градската канализација се зголеми од 171.000 на 268.000, бројот на културни настани годишно се зголеми од 12.000 на 22.000, а бројот на посетители на културни настани се зголеми од 2,6 на 4,3 милиони.

Пред да влезат во Европската унија, Словенците на заштита на животната средина трошеле околу 0,9 отсто од БДП, а сега за екологија издвојуваат 1,24 проценти од значително поголемиот БДП.

Од сите земји од поранешна Југославија, Словенија отиде најдалеку и покрај повремени кризи кои не ги заобиколуваат но Словенците ефикасно ги решаваат. Словенечкото јавно мислење е доста поволно за ЕУ, истражувањата на Евробарометарот покажуваат дека Словенциет натпросечно на поддржуваат ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот