Гужва во јсп автобус / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Следната недела ќе биде потпишан договорот за средствата за бесплатниот превоз на студентите

Владата на редовната седница во вторник ќе донесе одлука да се потпише договор за средствата што се обезбедени во рамки на буџетот на Министерството за образование и наука за субвенционирање на превозот на студентите со што мерката ќе продолжи непречено и од јануари, информира денеска премиерот Христијан Мицкоски.

– Средствата се обезбедени во рамки на буџетот на Министерството за образование и наука за следната година и на редовната владина седница во вторник на 31-ви декември, откако веќе се исконсултирав со министерката, ќе донесеме одлука да се потпише договор за да може веднаш да бидат префрлени на ЈСП бидејќи сесијата започнува во јануари и студентите беспрекорно да го користат јавниот превоз во градот Скопје – изјави Мицкоски на новинарско прашање по присуството на презентацијата на резултатите од работата на Министерството за внатрешни работи.

ЈСП доброволно ги вози студентите, договорот за бесплатен превоз не е продолжен од 2022 година

Мицкоски претходно најави можност за реалоцирање средства со цел да се обезбеди бесплатен автобуски превоз за студентите.

– Претходната Влада не ги предвидела овие средства ниту потпишала договор, мислам дека се 120 милиони денари за следната година. Тоа е далеку од она што е потребно на ЈСП, но излеговме во пресрет кога требаше да се интервенира за да се обезбеди нафта за да можат автобусите да се сообраќаат соодветно и да превезуваат патници – рече Мицкоски.

И Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје претходно испрати апел до Владата и Министерството за образование и наука, на владина седница да овозможат релоцирање на средства со цел продолжување на бесплатниот превоз за студентите во 2025 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот