
Скопје танцовиот театар со претставата „Д (како Дездемона)“ имаше извонреден настап во Верона
Во рамки на фестивалот „Планет Шекспир“ во Верона, Италија, се изведе претставата „Д (како Дездемона)“ на Рисима Рисимкин во продукција на Скопје танцовиот театар на сцената на театарот „Камплој“ на 13 септември 2025 година.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
По вторпат дело на Рисимкин, работено врз творештвото на Шекспир, е покането во шекспировската Верона. Познавачите на неговото творештво, како и публиката присутна во театарот „Камплој“, беа маѓепсани од начинот на кој беше претставена уште една жена од шекспировскиот опус. Дездемона во целост ја освои публиката, комплетната изведба, кореографијата, музиката и визуелизација на претставата дадоа еден сосема нов аспект на „читање“ на делата на Шекспир и неговите женски ликови. Извонредната креација и интерпретација на сите танчери ја фасцинираа публиката, која на крајот ги награди со долги аплаузи.
На сцената настапија Анастасија Данчевска како Дездемона, Дејан Битровски како Јаго, Лука Ѓоргиевски како Отело, Сара Димовска како Емилија и Надја Луканова, Нина Петрушевска и Теона Ѓуровска како Гласови. Со овој настап студентите од Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ го завршија третото издание на проектот „УГД – Чекор кон светот“.
– Прекрасно беше чувството да настапиме пред веќе познатата публика на Верона, која несебично го прославува творештвото на Шекспир долги години. Да се изведе танцова претстава на еден од исклучителните светски класици и мајстор на зборот, за мене и целата авторска и изведувачка екипа беше посебен предизвик и се радуваме на успехот. Танчарите се покажаа во најдобро светло, со извонреден настап и се создаде една несекојдневна синергија помеѓу нив и публиката. Навистина извонредно и несекојдневно доживување – изјави кореографката Рисима Рисимкин.