Скопје одбележува 60 години од катастрофалниот земјотрес

Скопски земјотрес, Скопје, 1963
Фото: Keystone Pictures USA / Zuma Press / Profimedia

Владина делегација предводена од вицепремиереот за европски прашања, Бојан Маричиќ, во придружба на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и заменик-министерот за образование Агим Нухиу, денеска ќе положи цвеќе на гробиштата Бутел пред споменикот на жртвите од земјотресот во Скопје, кога пред 60 години во 1963 година, животот го загубија 1.070 лица, а 3.000 беа повредени.

Преку проектот на Министерството за култура насловен „Скопје во пет и седумнаесет“ ќе се реализираат повеќе настани на неколку локации низ главниот град. Активностите во рамки на проектот почнаа синоќа во паркот „Ибни Пајко“, со концерт со македонски евергрин композиции и стихови посветени на Скопје.

Програмата денеска ќе продолжи во Музејот на современата уметност (МСУ) каде што ќе биде отворена дигиталната изложба „Подемот и падот на Скопје“ на Државниот архив, преку фотообјективот на Киро Георгиевски, вработен во Градското собрание во 1950-тите години. Изложбата во МСУ ќе може да се посети од 10 до 13 часот и од 15 до 17 часот.

ФОТО+ВИДЕО | Скопје се сеќава: Денеска се навршуваат 60 години од катастрофалниот скопски земјотрес

Кон одбележувањето на 60-годишнината на скоскиот земјотрес ќе се приклучи и Кинотеката каде што од 18 часот ќе биде прикажан избор од кратки филмски журнали на „Филмски новости“ по повод земјотресот во Скопје. Филмовите прикажуваат автентични архивски снимки од урнатините на градот, а во нив е документирана и меѓународната помош.

Програмата „Скопје во пет и седумнаесет“ во исто време (20 часот) ќе се реализира и во Шалтер салата на Пошта и на зградата на Телекомуникацискиот центар, каде што креативниот тим на „Скопје лајт арт дистрикт“ ќе изведе аудиовизуелни инсталации со ласерска проекција и 3Д-мапирање како илустративен приказ на земјотресот и на обновата. Истовремено, на локации на Скопското кале и на високите кули во Карпош 1 и 2 ќе има визуелна проекција со 3Д-мапирање.

Во Музејот на Град Скопје, пак, кој е еден од највпечатливите потсетници за скопскиот земјотрес, ќе се одржи мултимедијалниот настан на Терапија –„Зборувај за Скопје“, кој содржи ликовни изложби, проекции на филмови, визуелна уметност и музичка програма, клупска музика, настан за урбаното и модерно Скопје. Изложбата ќе биде отворена денеска и во наредните два дена.

На 26 јули запре животот во Скопје, земјотресот испиша тажни човечки приказни

Во организација на Црвен крст, а под мотото „За Скопје со љубов“, денеска ќе се одвиваат неколку активности како цртање на мурал, интерактивна обука за справување со катастрофи, иницијатива за пишување на писма и телеграми, изложба на капацитетите на Нaционално друштво на Црвен крст и дружење со вработените и волонтерите на Црвениот крст.

Во Младинскиот културен центар пак, вечер ќе настапат скопските музички состави Педро Хорисонте, бендот Луфтанза и етно групата Баклава, која воедно ќе го промовира и своето најново издание насловено како „За Скопје со љубов”.

Во Галеријата на МКЦ е предвидена изложба на фотографии на Ристо Костовски, насловена „Попатни одблесоци”, а во галеријата 2 ќе биде отворена изложба на фотографии од збирките разгледници издадени од МАРХ Македонска архитектура од авторот на проектот Филип Конески со наслов „Бетонско Скопје”. Изложбата е поддржана и од Градот Скопје и Министерството за култура.

Дел од активностите, е и покренувањето на иницијатива за возобновување на муралот на Борко Лазески „Фреска за НОВ“ кој беше уништен во земјотресот во 1963 година.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот