
Скопје доби бонус недела за решение со Софија – одложен Советот за општи работи на ЕУ
Советот за општи работи на Европската унија, кој беше предвидено да се одржи во вторник, 10 ноември, е одложен за една недела и ќе се одржи на 17 ноември, пишуваат странските медиуми.
Препорачано
Засега нема промени во официјалниот распоред, но доколку написите добијат потврда тоа практично значи дека Македонија ќе има дополнителна седмица за „пеглање“ на односите со соседна Бугарија, која најави вето за преговарачката рамка на Советот за општи работи. Токму за изгледот на преговарачката рамка денеска расправа и КОРЕПЕР, односно телото сочинето од амбасадорите на земјите-членки во Брисел.
На дневниот ред на состанокот на Советот за општи работи се предвидени точките за започнување на меѓувладините конференции со Северна Македонија и Албанија, со што всушност и започнуваат пристапните разговори за членство во Унијата.
Најверојатно, причина за одложувањето е самоизолацијата на германскиот министер за европски прашања, Михаел Рот, кој во понеделникот во Берлин оствари средба со македонската и бугарска делегација, со цел да се изнајде решение, со кое не би се закочил евроинтегративниот процес на земјава и притоа Бугарија да даде зелено светло за преговарачката рамка. Дел од делегацијата беше и заменикот министер за надворешни работи на Бугарија, Петко Дојков, кој е позитивен на корона.