Пожар во Трубарево / Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

Скопјани сепак дишеле тешки метали од пожарот во Трубарево, објави по шест дена Министерството за животна средина

Концентрацијата на кадмиум во воздухот по пожарот во Трубарево била скоро 12 пати повисока од дозволената, а имало и зголемено загадување со арсен и олово, објави Министерството за животна средина, шест дена откако избувна големиот пожар во Трубарево.

Се работи за анализа од земени примероци за присуство на тешки метали во воздухот, од минатиот викенд – 13 и 14 септември.

– Измерени се 59,1 ng на метар кубен концетрација на кадмиум во воздухот од дозволените 5. Има зголемување на концетрацијата на арсенот, од максималните 6, измерени се 8,9 нанограм на метар кубен. Во воздухот имало 0,75 микрограми концетрација на олово од дозволените 0,5. На тешкиот метал никел нема надминување на дозволените граници. Но, тековните мерења покажаат дека веќе состојбата на воздухот е стабилизирана и е во рамките на границите, велат од МЖСПП.

Оттаму уверуваат дека објектот кој изгоре во Трубарево бил повеќе пати контролиран. Но и дента кога избувнал пожарот, инспектори на министерството извршиле контрола, ја зеле и предале целата документација на Јавното обвинителство.

По зачестените пожари за кои власта тврди дека се подметнати, премиерот Мицковски најави законски измени со кои подметнувањето пожар ќе биде оквалификувано како „тероризам“, а за фрлање ѓубре на јавен простор ќе се предвиди казна затвор од над пет години.

Собранискиот спикер Гаши вели дека досега не е доставен предлог-закон поврзан со животната средина. Кога ќе се најде на дневен ред, мнозинството ќе одлучи дали потпалувачите ќе се третираат како терористи.

По зачестените пожари, владата испрати допис до општини да преземат акции за расчистување на депониите, а Државниот инспекторат за животна средина да преземе вонредна инспекциска контрола на сите локаци – каде на диво се фрла ѓубре.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот