
Скопјанецот Николовски за „Слободен печат“: Син ми со шизофренија, не го примија во Бардовци, па испи 40 апчиња и се обиде да се убие
Мојот син, кој се бори со шизофренијата повеќе од 15 години, со полициска асистенција и со брза помош беше однесен во психијатриската болница Бардовци во петокот, ама лекарката не сакаше да го прими, низ солзи и со голем револт сведочи таткото Љупчо Николовски од Скопје за Слободен печат.
Препорачано
После ова, пациентот испил 40 апчиња Дијазепам и Лорам, коктел кој е смртоносен и можел да заврши фатално, меѓутоа за среќа бил пронајден од неговиот брат навремено и сега е хоспитализиран на Клиниката за токсикологија во Скопје.
Семејството е крајно револтирано, што пациент кого го донеле во психијатриската болница Бардовци со брза помош и со полиција, не бил хоспитализиран. Тоа можело да значи живот за него и можело да се одбегне да ги испие големиот број апчиња за смирување. Станува збор за долгогодишен пациент, кого во болницата во Бардовци го познавале, таму се лекувал и порано, од декември бил и хоспитализиран, но потоа го испишале од болницата.
-Јас сум црковен човек што работи по цркви и манастири. Ама ова што се случи не е ни хумано ни достојно на медицински работник. Детето го однесов со полициска асистенција, откако неколку денови не можевме да го натераме да отиде в болница. Кога некако најпосле го разубедивме, го најавив и стигнавме во Бардовци. Госпоѓата излезе надвор пред вратата од болницата после 20 минути чекање, праша што е проблемот, не дозволувајќи ниту да влеземе во болницата. Го погледна, вели добар е. Го праша што пие, какви таблети и не прати дома, иако дојдовме и со полиција и со брза помош. Јас се обидов да и објаснам дека врз син ми немаме контрола, дека неговата болест е непредвидлива, дека има халуцинации, дека 20 години се лекува во оваа болница, агресивен е, дека може да се убие бидејќи може да испие голема количина апчиња, меѓутоа не вредеше што и објаснував. Нејзиниот збор беше последен и таа процени дека е добар, пред вратата од клиниката, изјави за Слободен печат, Љупчо Николовски, татко на пациентот.
Тој расплакан додаде дека откако неговиот син не бил примен во болницата, потоа отишол дома и се обидел да се отруе со 40 апчиња различни медикаменти и завршил со труење на клиниката за токсикологија.
Како што тврди семејството, хоспитализацијата во Бардовци била неопходна и поради тоа што пациентот постојано има замисли дека неговото семејство ќе му наштети, по што станува агресивен и таквата состојба е невозможно самите да ја контролираат и им треба помош од здравствениот систем и од државата. Минатата недела уште еднаш викнале полциија и брза помош во обид да го однесат во болница, ама неуспешно. Пациентот не ја отворал вратата дома, а полицијата не сакала да ја обие, од претпазливост тој да не си го одземе животот со скок од терасата.
-Кренаа раменици и си заминаа и брзата помош и полицијата. Ми рекоа сам да одлучам што ќе правам, вели таткото.
Редакцијата на Слободен печат во текот на утрешниот ден ќе стапи во контакт со болницата во Бардовци за да ја обезбеди нивната страна од приказната, а пред вратата на болницата, токму каде што пациентот бил одбиен, таткото ќе даде изјава за медиумите утре.