фото: Igor MC Jakimovski@facebook

Скандал пред стартот на атлетското СП во Токио: Јакимовски, тренерот на Дарио Ивановски, упати тешки обвинувања кон АФСМ

Игор Јакимовски, тренерот на нашиот најдобар атлетичар Дарио Ивановски, ја обвини нашата атлетска фередација дека испратила барање до Ворлд атлетикс да не му даде акредитација да биде личен тренер на маратонецот при настапот на СП?! Јакимовски е огорчен на атлетската федерација, која, според него, со тоа му става сопка на нашиот репрезентативец за неговиот настап во Јапонија. Засега не успеавме да добиеме одговор од АФСМ на обвинувањата

Игор Јакимовски, тренерот на нашиот најдобар атлетичар Дарио Ивановски е лут на Атлетската федерација на Северна Македонија од каде според него, е упатено скандалозно барање до светската атлетска федерација Ворлд атлетикс. Барањето е Ворлс атлетикс да не му издаде акредитација на Јакимовски да биде личен тренер на Ивановски на Светското првенство во Токио?! Со тоа, според Јакимовски, АФСМ работи на штета на интересите на самиот атлетичар.

Тренерот Јакимовски, кој долго време работи со маратонецот Ивановски и е негов соработник во сите успеси, е многу лут поради постапката на АФСМ, а информација дека тоа е вистина добил преку свои канали. Се обидевме телефонски да стапиме во контант со претседателката на АФСМ Александра Војнеска Зикова како и со канцеларијата на федерацијата, за да добиеме одговор на обвинувањата, но не успеавме. Ако одговорот следи во меѓувреме, ќе го објавиме.

Јакимовски вели федерацијата го саботира Ивановски

Јакимовски својот став го објави на социјалните мрежи, а и лично ни го потврди.

– Актуелното раководство на Атлетската Федерација на северна Македонија (сменето името од АФМ во АФСМ токму од нив) целосно свесно и со умисла на чело со претседателката Александра Војнеска Зикова и УО постојано со своите постапки и донесени одлуки, континуирано се обидуваат да ја закочат професионалната кариера на Дарио Ивановски и да демотивираат за да опстане и продолжи да ја претставува Македонија на меѓународна спортска сцена – вели Јакимовски во дел од своето подолго обраќање, а потоа продолжува со своето објаснување.

Скандалозна одлука

– Последната скандалозна одлука на АФсМ е да не го проследи барањето на мојот атлетски клуб АК Скопски маратон до Ворлд атлетикс за добивање на акредитација како личен тренер. Имено општо познато е дека АФсМ поради нивни лични причини и одлуки базирани на љубомора за нашата најуспешна атлетска приказна во историјата на атлетска Македонија, мене како тренер на Дарио не ме испраќаат официјално како придружба за мојот атлетичар. И тоа верувајте дека за мене не е проблем бидејќи јас сам и со помош на спонзори приватно заминувам на настанот за да бидам заедно со Дарио Ивановски – вели Јакимовски.

Тој потоа објаснува дека АФСМ не само што не го проследила барањето на АК Скопски Маратон за Јакмовски да биде назначен како личен тренер на Ивановски, туку побарала од Ворлд атлетикс тренерот да не добие акредитација никако, дури и ако се обиде да го стори тоа по други легитимни канали.

Таен мејл до Ворлд атлетикс

– Наместо тој одговор што го очекуваме јас, Дарио и нашиот клуб, добивме информација од наши извори дека тие тајно испратиле официјален мејл до Ворлд атлетикс во никој случај да не се издаде акредитација на лицето Игор Јакимовски доколку тој ја побара истата на друг начин. Дали е можно?! Македонијо моја, Македонци мои, наша спортска јавност. Ете го нашиот внатрешен непријател, никој друг… Скандалозно, срамно и жално за националните интереси на нашата Македонија ширум светот каде сами си копаме гроб – вели Јакимовски во дел од своето обраќање.

Тренерот понатаму изјавува дека АФСМ дејствува на штета на Ивановски и неговите резултати.

– Само нека бидат сигурни дека таа сопка не ми ја ставаат мене. Таа сопка со умисла ја ставаат на Дарио и мајка Македонија. Националните интереси кај нив се непозната и ќе се задушат во своите лични и фамилијарни интереси за кои може роман да се напише кога станува збор за фамилијарни службени прошетки, темпирано потрошени финансиски средства за свои атлетичари/ки и еден куп скандалозни одлуки на штета на македонската атлетика – вели Јакимовски во дел од подолгото обраќање. Тој сепак ќе биде во Токио, да му помогне на атетичарот.

Двајца македонски атлетичари ќе настапат на Светското првенство во Токио (13-15.09.2025), Адријана Поп Арсова Рашиќ и Дарио Ивановски, обајцата во дисциплината маратон.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот