Семејно насилство / Насилство врз жени илустрација / Фото: Lev Dolgachov / Alamy / Alamy / Profimedia

Системот мижи пред теророт на родовите насилници

Откако „скопската фаца“ Илија Стефановски ги уби својата поранешна партнерка од Велес Росица Коцева и нејзиниот татко, итна, темелна и објективна истрага за тоа кој сè бил должен да постапи по пријавите на жртвата за да се спречи двојното убиство побараа од Платформата за родова еднаквост

Игнорантскиот однос на полицијата, на Обвинителството и на судовите, молкот, стигмата и срамот, како и ставот „тоа не е наша работа“, дозволуваат континуираното насилство да кулминира во фемицид, и покрај пријавувањето и повикот за помош и заштита од жртвата. Одговорност и дисциплински постапки за тие што не постапиле, бараат неколку невладини организации за родово насилство, откако скопјанецот Илија Стефановски ги уби својата поранешна партнерка од Велес Росица Коцева и нејзиниот татко. Тие најавуваат протест под слоганот „Ниту една повеќе“ против колективниот крах.

– Покрај сериозната некоординираност и затајувањето на институциите надлежни за справување со насилството врз жените, кон фемицидите придонесува и молкот, родовите стереотипи и дискриминацијата, стигмата, срамот и немањето чувство за колективна одговорност. Вртење на главата настрана кога сме сведоци на насилство и ставот дека „тоа не е наша работа“, се уште еден показател за тоа колку сите придонесуваме насилството не само да се случува постојано, туку и да ескалира, а насилниците да продолжат да живеат слободно и да просперираат – анализираат во повикот групата активистки од неколку невладини организации.

Според достапните податоци, само во последните пет години биле убиени најмалку 20 жени како кулминација на повторени епизоди на родово базирано насилство.

Демнел, малтретирал и други поранешни девојки

Според неофицијалните информации, за кои сè уште нема потврда од МВР, жртва не била само Росица од Велес, затоа што Стефановски многумина го знаеле како градска фаца низ Скопје. Пред да ги убие велешанката и нејзиниот татко, тој ги демнел и ги малтретирал и другите поранешни девојки, кои мака мачеле да ја раскинат врската со него. Тие, исто како и Росица, го пријавувале во полицијата, но нивните пријави не стигнувале до Обвинителството, но ниту една јавно не се охрабри јавно да каже.

Засега нема информација дали ќе се истражува во МВР и во Обвинителството имало ли постапка или не и дали се премолчани гласните повици на младата жена.

– Итна, темелна и објективна истрага за тоа кој сè бил должен да постапи по пријавите на жртвата, почитувајќи го принципот на должно внимание, и со тоа да го превенира двојното убиство. Одговорност и санкции за сите надлежни лица што не постапиле во согласност со законот. Итно почнување со јакнење на капацитетите за процена на ризик во МВР и центрите за социјални работи што ќе овозможат рано препознавање, соодветна процена на ризик и спречување вакви случаи – побараа од Платформата за родова еднаквост.
Пријавите на Росица што институциите ги објавија по нејзината смрт, останаа само како писмена трага дека девојката очајнички молела за помош, но институциите останале неми на нејзините повици. Од податоците што ги објави МВР, девојката го пријавувала Стефановски уште од 2024 година. Шест дена откако дала исказ во Обвинителството дека Стефановски ѝ се заканувал и ѝ кажувал „или ќе бидеш моја или мртва“, заканите станаа реалност.

МВР треба да истражи дали ќе „лета“ некој полицаец за убиството на Росица

Долга листа на пријави

Листата на пријави на Росица во СВР Велес е долга – ја вознемирувал додека го шетала кучето, ја нападнал во двор во основно училиште во Велес, во ходник од зграда нападнал велешанец додека бил со Росица. Ова се случило само за три месеца, а малтретирањето не запрело тука.

Пишувал навредливи графити со нејзиното име и презиме, пишувал пораки за Росица и им ги праќал на татко ѝ и на нејзина пријателка, на влезна врата од продажен салон оставил УСБ кое го залепил, а во кое имало слики и видеа од него и од неа, го запалил семејното возило „мицубиши“ итн.

„На 7.7.2025 во 13 часот во СВР Велес била повикана Р.К. (31) од Велес, по издадена наредба од ОЈО, каде што таа пријавила дека И.С.(39) од Скопје не ја почитувал мерката забрана за приближување, за во СВР Велес да приложи доказен материјал во однос на пријавата и од страна на СВР Велес материјалот е доставен во ОЈО“, била последната пријава на Росица во СВР Велес. Во меѓувреме и тој ја пријавувал во Скопје.

Велешкото обвинителство, пак, во април поднело обвинителен предлог за Стефановски и го гонело за „загрозување на сигурноста“ на Росица и за повреда што ја нанел на нејзиното момче. Му било направено и психијатриско вештачење, а вештакот утврдил дека тој нема никаква душевна болест, дека бил пресметлив во моментот на насилството, дури не била регистрирана ниту патолошка опсесивност или патолошка фиксација кон оштетената.
Пред една недела добил условна казна.

Во меѓувреме, на 21 мај годинава, Росица го пријавува обвинетиот во ОЈО Велес и за неизвршување судска одлука, бидејќи и покрај дополнителните мерки за заштита од семејно насилство, изречени и во граѓанска постапка, тој не ги почитувал и продолжил да ѝ испраќа пораки и фотографии со обид да оствари комуникација со неа. На 18 мај се приближил до нејзиниот дом и ѝ го одзел и го запалил автомобилот во сопственост на нејзиниот татко. По оваа пријава, ОЈО Велес ја испитала Росица и на 26 мај издало наредба до МВР за обезбедување докази од телефонската комуникација, како и четири наредби за обезбедување снимки од видеонадзор од различни локации во градот. По овие наредби МВР постапува.

„На 25.3.2025 година, оштетената го пријавува осомничениот во ОЈО Скопје за настан случен на 27.12.2024 година, кога за време и по враќање од патување во Република Бугарија, осомничениот се обидел да ја задржи во стан во Скопје и ѝ нанел лесна телесна повреда од чл. 130 ст. 2 од Кривичниот законик. Според наводите од пријавата, оштетената извесен период претходно пријавила и во МВР. Речиси истовремено, и пријавениот поднесува пријава до ОЈО Скопје, со која ја товари оштетената дека му поднесува лажни пријави во МВР со цел да му изнуди пари“, соопшти Обвинителството.

Убиството се случи на 15 септември попладнето, кога Илија со нож ги избодел Росица и нејзиниот татко пред очите на момчето со кое таа била во врска. Според информацијата од полиција, Стефановски прво го убил таткото на Росица, а потоа ја избодел Росица, па самиот себеси.

„На местото излегоа полициски службеници и констатираа дека станува збор за Р.К. (31) од Велес, која од Итна медицинска помош е пренесена во болницата во Велес, каде што е констатирана смрт. На местото е затекнат Ф.Т. од Велес, сегашен партнер на Р.К., кој изјавил дека заедно отишле во домот на нејзиниот татко, затоа што не се јавувал, а откако Р.К. ја отворила вратата, со остар предмет ја нападнал нејзиниот поранешен партнер И.С.(39) од Скопје, по што ја заклучил вратата. Потоа полициски службеници влегоа во домот и го пронајдоа починат нејзиниот татко К.К.(74), кој исто така имал повреди од остар предмет. Во домот со повреди од остар предмет е пронајден и И.С., за кој според првичните информации, постои сомнение дека откако ги нападнал двајцата, самиот се повредил. Откако е пренесен во болницата во Велес, и кај него е констатирана смрт“, информираше МВР.

ОЈО за злосторството во Велес: Убиецот не боледувал од душевна болест, бил пресметлив и имал забрана за приближување до жртвата

Се бараат оставки и измени на Кривичниот законик

Опозицискиот СДСМ бара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и разрешување на Секторот за внатрешни работи (СВР) Велес по трагедијата во која беа убиени 31-годишна жена и нејзиниот татко.

– Жената повеќепати барала заштита, пријавувала закани, насилство, кражби, според некои медиуми над 70 пати. Полицијата знаела, социјалните служби знаеле, институциите не мрднале со прст. Страшно и болно истовремено. Институциите не успеаја да заштитат живот на една жена и на еден човек. Само поради нивното молчење и непреземање ништо, има два згаснати животи – велат од СДСМ.

Оттаму додаваат дека случајот е порака дека системот потфрлил, а кога тоа се случува, како што велат, мора да има одговорност, а тој систем мора да се промени од корен.

Левица, пак, порачува дека фемицидите не се приватна драма, туку политички неуспех.

– МВР со години демонстрира неспособност и тенденција да не ги сфаќа сериозно поплаките на жените. Жртвите на семејно насилство редовно пријавуваат закани, насилство и прогон, а институциите или воопшто не реагираат или реагираат доцна и половично. Оваа практика праќа јасна порака дека државата не ја гледа безбедноста на жените како приоритет. Со ова што се случува, се повторува истиот образец што го видовме и со други колективни катастрофи – институциите постојат само на хартија. На терен нема превенција, координација и одговорност – велат од Левица.

Тие бараат измена на Кривичниот законик, со која телесната повреда при семејното насилство и насилството врз жени ќе се гони по службена должност, а не исклучиво по предлог на жртвата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот