
„Син ми го бранеше хотелот од хулигани“ – таткото на пиштолџијата Цуфи Кока бара да го пуштат од притвор
Бизнисменот Аљуш Кока, таткото на Цуфи Кока, кој беше уапсен откако извади пиштол и пукаше кај плоштадот „Скендербег“ за време на протестите против францускиот предлог организирани од опозицијата, бара неговиот син да биде ослободен од притвор.
Препорачано
Во интервју за „Еуроњуз Албанија“, Аљуш Кока вели дека неговиот син бил принуден да пука со пиштол во воздух за да ги одбие, како што вели тој, „хулиганите“ кои почнале да го оштетуваат неговиот хотел.
Според бизнисменот, во случајот, за кој на неговиот син му беше одреден осумдневен притвор, се работело за самоодбрана и околу тоа немало никакво сценарио.
Кока вели дека државата досега никогаш не реагирала за да се идентификуваат луѓето кои вршат дела како што е „уништување на албански имоти“.
„Го зеле момчето и веднаш го уапсиле. Од социјалните мрежи дознав дека нешто се случува во мојот објект. Веднаш дојдов, имаше голема гужва, полиција. Ми кажаа дека и мојот син е уапсен. Ја известивме полицијата пред 2-3 дена и усно. Знаевме дека ќе имаме последици, бидејќи хулиганите денес не се сами. Насилства има и во парламентот, насилство има и врз албански имоти. Никој од државата не побара да се идентификуваат кои се тие луѓе. Не сум против демонстрантите, но не треба да им наштетуваат на нашите имоти“, вели Аљуш Кока.