Сцена од претставата „Рибарски караници“ / Фотографија: Ивона Кочов

Симбиоза меѓу актерите и публиката крај езерото во битолското село Ротино

Под ѕвезденото небо на битолското село Ротино, на 25 и 26 јули се создаде вистинска симбиоза меѓу актерите и публиката – тие играа, овие се смееја… и обратно. Очигледно на битолската публика, но и на гостите од другите градови, им недостигаше една автентична претстава во автентична атмосфера, под отворено небо, до и на Ротинското Езеро.

Долготрајни аплаузи, стоечки овации и насмеана публика се случија на премиерата на претставата „Рибарски караници“ по текст на Карло Голдони и во режија на Јован Ристовски. Станува збор за 13-та премиера за сезоната 2024/2025 година на Битолскиот театар.

– Ова е храбра претстава и иако е како театарски жанр комедија, е и сатира во некои сцени. Ликовите, без разлика што се случува меѓу нив, на крај наоѓаат едно меѓусебно човечко разбирање кое треба да покаже дека таа љубов и емпатија меѓу народот недостасува – рече режисерот Ристовски.

Публиката до солзи ја насмеаа актерите Никола Стефанов, Јулијана Мирчевска, Никола Пројчевски, Соња Ошавкова, Петар Горко, Марија Цветановска, Леонида Гулевска, Валентин Дамчевски, Елена Моше, Живко Борисовски, Петар Спировски, Александар Димитровски, Илина Чоревска, Катерина Аневска – Дранговска и Марија Стефановска.

Драматург на претставата е Билјана Крајчевска, сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите ги подготви Андреј Ѓоргиевски, композитор на музиката е Александар Димовски, светло мајстор е Игор Мицевски, инспициент е Оливер Петровски, суфлер е Гордана Михајловска, а продуцент е Димитар Михајловски.

Режисерот заедно со актерите го направија препевот на текстот и се зборува на дијалекти од западна, источна и југозападна Македонија. Битолскиот театар, со поддршка од Општина Битола, го реконструираше и патот кој води до езерото, туристичка атракција на која за првпат се одигра театарска претстава. Тоа е уште еден доказ дека театарот го менува светот.

Под отворено небо, крај езерото, се сретнаа љубовта, смеата и јазикот на Карло Голдони во прекрасната комедија. Претставата „Рибарски караници“ на 22 септември ќе биде изведена на сцената на Битолскиот театар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот