Фото: МИА

Сиљановска Давкова го спомена „Пинк флојд“ во говорот во Обединетите нации: Mакедонските млади се уморни од чекање на европска иднина

Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова денеска, пред обраќањето на Генералното собрание на ОН во Њујорк, се обрати на пленарната сесија посветена на 30-годишнината од Светската програма за млади.

Како што јави известувачот на МИА, Сиљановска – Давкова рече дека ниту една земја, ниту еден регион, не може да напредува ако ги занемарува младите.

– Затоа Обединетите нации ја усвоија Светската програма за акција за млади. Денес, додека ја одбележуваме оваа годишнина, ги признаваме и успесите и недостатоците. Многу е направено, но, исто така, многу останува да се направи.

Обраќајќи се кон младите, претседателката рече дека во младоста ја привлекувале филозофските стихови на „Пинк Флојд“, особено песната „Another Brick in the Wall“, во која тие го отфрлаат образованието засновано на контрола на мислата и им порачуваат на наставниците да ги остават децата на мир.

– Кога станав универзитетски професор, често ја имав оваа субверзивна песна на ум. Затоа денес не сум тука за да ви предавам, туку за да бидам инспирирана од вас, младите. Низ историјата, вашите врсници не се плашеа да проговорат, да ги предизвикаат авторитетите, да го отфрлат догматизмот и да се борат за идеали, понекогаш по цена на сопствените животи, рече Сиљановска – Давкова.

Таа притоа потсети на студентските протести во Париз во 1968-та, на Прашката пролет против тенковите на Варшавскиот пакт во 1969-та, на протестите против војната во Виетнам.

„Сетете се на студентскиот пркос на плоштадот „Тиенанмен“ и падот на Берлинскиот ѕид во 1989-та. Дури и денес, младите луѓе простестираат против војната во Украина и конфликтите на Блискиот Исток, но и против екоцидите и фемицидите, климатските промени и социјалните неправди“, рече Сиљановска – Давкова.

Според неа, младите како „бунтовници со причина и трагачи по вистината“, отсекогаш биле носители на промените.

„Доаѓам од мала, континентнална европска држава. Дваесет години чекаме да станеме членка на Европската унија. Многу од вашите македонски врсници се уморни од тоа чекање на европска иднина и затоа ја напуштаат земјата. Ова важи за поголемиот дел од земјите од Западниот Балкан. За мали држави како нашата, статистиката не е апстракција“, рече Сиљановска – Давкова.

За да се сменат работите, таа смета дека ангажманот на младите не смее да биде само симболичен, туку суштинско учество во процесите на одлучување.

Сиљановска Давкова зборуваше и за „меѓугенерациското партнерство“. Таа смета дека постарите лидери носат искуство, а помладите визија и заедно можат „да го насочат мултилатерализмот од парализа кон акција“.

„Вие ја имате привилегијата, но и одговорноста да бидете мост меѓу сегашноста и иднината. Без вашиот омилен збор „зошто?“ нема прогрес. Без вашето сомневање во авторитетите, нема вистина. Движејќи ги општествата, можете да го придвижите светот, бидејќи сте надарени со интелектуална љубопитност и страст, без кои не може да има реформи“, рече таа обраќајќи им се на младите.

На пленарната сесија посветена на 30-годишнината од Светската програма за млади се обрати и претседателката на Генералното собрание на Обединетите нации, Аналена Бербок и Генералниот секретар за млади, Фелипе Полие.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот