
Сијарто: Унгарија нема друг избор освен руската нафта, а најгласните критичари ја купуваат преку Азија за поевтино
Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, смета дека Унгарија е принудена да соработува со Русија откако ЕУ го одбила барањето за зголемување на капацитетот на гасоводите во југоисточна Европа.
Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, во петокот на прес-конференција реагираше на извештаите дека американскиот претседател Доналд Трамп неодамна ги повикал европските земји да престанат да купуваат руска сурова нафта, објави Телекс.
Препорачано
Според него, други земји ја купуваат руската нафта тајно бидејќи е поевтина, додека Унгарија ја купува отворено, бидејќи едноставно нема друга опција.
– Да не се залажуваме од лицемерите зашто значителен број од оние кои најгласно ја критикуваат Унгарија и Словачка за нивните набавки на нафта, исто така купуваат руска нафта, само индиректно, преку одредени азиски земји. Тоа го прават за да можат да ја купуваат нафтата поевтино – изјави тој.
Тој нагласи дека набавката на енергентите е физичко прашање и дека тие можат да се купуваат само од места од кои е можно да се транспортираат преку нафтоводи.
– А фактот што Унгарија соработува со Русија во однос на енергетската безбедност, во голема мера се должи на тоа што Европската унија го одби нашето барање за помош за зголемување на капацитетот на гасоводите во југоисточна Европа. Наместо да го зголеми капацитетот на алтернативниот нафтовод кој води до нас, Хрватска ја зголеми транзитната такса за транспорт за петпати над европскиот просек – додаде тој.
Во четвртокот повеќе медиуми објавија извештаи, а и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, даде изјава дека претседателот на САД, Доналд Трамп, е многу незадоволен што европските земји сè уште купуваат нафта од Русија и со тоа ја поддржуваат руската воена машинерија. Иако Зеленски по име ги спомна Словачка и Унгарија како земји кои продолжуваат да купуваат нафта од Русија, не е јасно дали и Трамп конкретно ги спомнал овие две земји.
Изјава дадена од финскиот претседател по состанокот сугерира дека Унгарија и Словачка навистина биле спомнати по име, но не е познато дали тоа го направил Трамп или некој од членовите на „Коалицијата на волните“ кои учествувале во разговорот.
Зеленски: Територијалните отстапки би биле појдовна точка на Путин за понатамошни офанзиви