Штрајкот на грчките цариници ги пренасочи камионите кон Бугарија- алтернативата е поскапа и побавна

камиони
Камиони/ Фото: МИА

Годишно, преку солунското пристаниште минуваат речиси 1 милион тони стока наменети за земјава или од неа и транзитираат најмалку 25.000 контејнери изразени во TEУ-единици. Пред еден месец, македонските транспортери повторно трпеливо чекаа во колона да помине дневната и вечерната блокада на грчките земјоделци на премините Евзони – Богородица и Ники – Меџитлија

Доколку не сакаат да доцнат со испораката на товарената стока, македонските транспортери се упатуваат кон премините со Бугарија. 48-часовниот штрајк на грчките цариници го прекина сообраќајот на граничните премини од Грција кон соседните земји, меѓу кои и со Македонија за товарните возила и секаков вид пратки, а истото ќе важи и за автомобилите.

Билјана Муратовска од „Макам Транс“, вели дека се отрпнати на ваквите прекини, а најголема штета ќе имаат киперџиите што товарат стока од пристаништето во Солун. За жал, додава таа, ова се случува само на премините кон земјите кои не се членки на ЕУ, па иако грчките административци имаат право да штрајкуваат, ваквите застои може да се третираат и како настандардни мерки.

Од Стопанската комора на Македонија пред некое време истакнаа дека за македонските компании солунското пристаниште има првостепено значење, како природен пат за стоката наменета за нашата земја и кое поради близината има пониски транспортни трошоци за превоз на стоките во однос на другите пристаништа во соседните земји. Годишно, преку солунското пристаниште минуваат речиси 1 милион тони стока наменети за РМ или од неа и транзитираат најмалку 25.000 контејнери изразени во TEУ-единици.

– Транспортерите деновиве ги користат алтернативните патишта кон Бугарија, а најлошо им е на оние колеги кои директно товарат стоки од Грција. Секој застој на границите директно се одразува врз нашето работење и ние сме отрпнати. Замислете сега наместо да направат две или две и пол тури од Солун до Скопје, деновиве ќе немаат ниедна – додава Муратовска.

Пред еден месец македонските транспортери повторно трпеливо чекаа во колона да помине дневната и вечерната блокада од грчките земјоделци на премините Евзони – Богородица и Ники – Меџитлија, а тоа им го забави превозот и им ги зголеми трошоците, особено овој пат кон и од Турција, потсетува Муратовска. Таа додава дека инфраструктурата наменета за товарни возила на балканските гранични премини е повеќе од очајна, а сè уште нема доволно коридори што би го намалиле чекањето. Светска банка објави дека возачите на камиони непотребно губат 26 милиони часа (речиси 3.000 години) чекајќи на граничните премини на земјите од Западен Балкан (Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Македонија, Косово и Албанија).

– Една граница се отвора, друга се затвора. Отрпнавме. Постојано зборуваме за непропустливоста на граничниот премин Батровци – Бајаково, на излезот од Србија во Хрватска, каде што до пред некое време се чекаше и повеќе од 48 часа, додека задржувањето на другите гранични терминали понекогаш трае и 12 часа. Секојдневно ги предупредуваме колегите да се вооружат со трпение. Со часови се чека и на границата со Унгарија, бидејќи тука треба да се додаде и времето што се поминува на унгарските терминали, кое е секогаш подолго. Почнавме да мислиме дека се работи за нестандардни мерки или прикриени блокади за да се влијае врз нашата конкурентност како превозници – објаснува Муратовска.

Според Европската комисија, најголемото дозволено задржување на границите смее да биде до 6 часа!

Од царинската управа завчера информира дека поради штрајкот на граничните премини Богородица – Евзони, Дојран – Дојрани и Меџитлија – Ники товарниот сообраќај ќе биде во целосен прекин, освен за расипливи стоки. Според ЦУ, која се повикува на информациите добиени од амбасадата на Република Грција во Скопје, патничкиот сообраќај ќе биде дозволен периодично (не е познат точниот распоред), но се советуваат патниците да избегнуваат движење преку овие гранични премини во овој период.

Извори од Федерацијата на царински службеници на Грција за дописничката на МИА од Атина објаснија дека за товарните возила постојат исклучоци доколку се пренесуваат пратки што поради чувствителноста мора веднаш да бидат пренесени, а за автомобилите доколку станува збор за пациенти кои итно заминуваат на лекување.
Истите извори велат дека добро ќе биде граѓаните да избегнат патувања во Грција додека трае штрајкот. Единствено дозволено ќе биде пеш да се помине границата, иако не е исклучена можност во случај да се создадат колони автомобили да има повремено пропуштање, меѓутоа чекањето би било со часови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот