Илустрација: Администрација / Фото: Архива на „Слободен печат“

Што значи „умерено подготвена“ администрација во извештајот на ЕУ

И овојпат како и во претходниот извештај, забелешките во врска со админстрацијата се во завиена форма

И во најновиот извештај на Европската Комисија (ЕК) за реформскиот напредок на Македонија кон ЕУ, слаба точка останува реформата на јавната администрација. Во извештајот на Брисел кој официјално не е објавен, во врска со реформите во јавната администрација Македонија ја добива оценката “умерено подготвена“.
Според професорот Драган Гоцевски од катедрата по административно право и администрација на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, кога ЕУ ни посочува дека со реформите во админстрацијата не одиме напред, тогаш ние најпрво треба дома да разгледаме што бара конкретно Унијата. Дали е тоа проценка за бројот на институциите, односно колу треба да ги имаме, како да се викаат, каква да им биде внатрешната организација или, пак, колку вработени да имаат.
– Но, она што пред се, се бара од нас е исполнување на одреден учинок. И овојпат како и во претходниот извештај, забелешките во врска со админстрацијата се во завиена форма. ЕУ очигледно внимава да не се случи истата ситуација кога пред две години Франција и Холандија имаа задршка околу отпочнувањето на преговорите за членството на Македонија во ЕУ. Последниот извештај беше позитивно срочен, најверојатно за да се направи притисок и да се отворат пристапните преговори. Всушност со формулацијта „умерено подготвена“ ЕУ, најверојатно сака да ни укаже дека иако нешто менуваме сепак, на реалните предизвици со кои се соочуваат граѓаните, не сме одговориле, вели Гоцевски.
Според професорот Гоцевски една од причините зошто немаме конкретни резултати во административните реформи е и немањето на конзистентност во работењето. Тој вели дека во изминатите 20 години Македонија имала и добри решенија, но со промена на владите или, пак, дури и со смена на некој минстер или директор тие згаснувале.
-Треба да престане дисконтинуитетот во спроведувањето на некои мерки. Од 2017 година се заговара реорганизацијата на државната администрација, со која се предвидува министерствата да бидат само креатори на политика, а агенциите да ги спроведуваат мерките и политиките, и инспекторатите да вршат надзор. Сите споредни институции со реформите треба да згаснат или да се трансформираат. Околу 130 инситуции направиле некакви анализи но, најголемиот дел од нив се смо про – форма, што значи имаме нефункционални анализи. Со анализите реално треба да се утврди колкав е вистинскиот обем на оптеретеноста на вработените во државната администарација и дали навистина има работа за сите, за да може да се оправда големиот број на административци. Потребна е и доследност за одговори на прашањето во јавноста дали навистина во администрацијата имаме превработеност. Затоа, одговорнте што побрзо треба да почнат да ги „чешлаат“ институциите една по една за да ја видат реалната состојба со нивната администрација, вели Гоцевски.
Според Гоцевски ефективи административни реформи има во оние инстиутици каде министрите или директорите се поагилни, односно соработуваат со други држави или пак се консултираат со експерти од оваа област. Тој како пример за добро работење ја посочува сферата на социјалната заштита во земјава. Но, затоа пак вели дека имаме ресори во кои ништо не е направено. Апелира, медиумите и граѓаните отворено и конкретно да ги критикуваат ресорите и одговорните лица (дури и со име и презиме но и од која партија), кои ништо не направиле. Гоцевски вели дека сепак Македонија го има моделот за целосна реорганизација на државната администрација но, прво поради изборите а сега и поради заразата од коронавирусот точно не се знае кога ќе почне неговата имплементација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот