
Што ќе биде со кошарката во Европа, „будење“ или крај?
До овој момент поради пандемијата на коронавирус официјално се откажани 10 национални и регионални лиги…
Додека едни ја откажуваат, поништуваат кошаркарската сезона, а други најавуваат „рестартирање“ на натпреварувањата, уште ги чекаме одлуките од страна на надлежните за Евролигата, Еврокупот, првата и втората АБА лига.
Препорачано
Во Македонија наскоро се очекува финална одлука за натпреварувачката сезона 2019/2020, а шампионот МЗТ Скопје Аеродром покрај „конфликтите“ со федерацијата, своите погледи ги насочува и кон АБА2 лигата, преку која бара враќање во елитата.
„Металците“ обезбедија плеј-оф, останува да се види кога и дали ќе се одиграат финалните мечеви..
Турците и Италијанците предвремено ја завршија сезоната, во текот на минатата недела во Израел објавија дека првенството ќе биде завршено на теренот, до крајот на јули, а од друга страна гигантот Макаби Тел Авив ќе биде пред тежок избор, односно најави дека нема да може да игра и домашни натпреварувања и Евролига, секако доколку таа биде продолжена..

До овој момент официјално се откажани 10 национални и регионални лиги, започнувајќи од Балтичката лига (ВТБ), потоа првенствата во Италија, Франција, Турција, Литванија (шампион Жалгирис), Белгија (шампион Остенде), Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина (шампион Игокеа) и Португалија.
Германците планираат да се вратат, но тоа не е уште дефинитивно најавено. Шпанците од претходно веќе го планираат системот на натпреварување, односно имаат идеја да одиграат мини-лига на Канарските острови. Во Грција претставниците на кошаркарите и клубовите се договорија да не се игра повеќе..
Моменталната ситуација донесе спротивставени мислења, доколку продолжи сезоната во Македонија, освен почитување на заштитните мерки, ќе треба да помине и период за играчите преку тренинзите да се вратат во потребната натпреварувачка форма. На тој пат можно е да се соочат со различни пречки, кондициски, организациски, според експертите се ризикуваат и многу повреди, а еден, два или повеќе позитивни случаи на Ковид-19 би можело да донесе уште поголеми проблеми..Клубовите од елитата се едногласни дека нема услови за играње на прволигашка кошарка..
Има премногу прашања, скоро е средина на мај, се ближи летото, поминаа повеќе од два месеци од последните натпревари…Реално е ли да се очекува во наредниот период да се врати кошарката во Европа и пошироко?