Штајнмаер на 75 години од Нирнбершките процеси: Без судења во Нирнберг, ќе немаше и Суд во Хаг

Франк Валтер Штајнмаер / Фото: EPA-EFE/DANIEL KARMANN / POOL

Денеска се одбележаа 75 години од почетокот на судењата во германскиот град Нирнберг на кои им се судеше на лидерите на таканаречениот !„Трет рајх“, а притоа германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер го истакна значењето на овој настан за светската историја.

– Судењето на водечките воени злосторници во Нирнберг беше револуција. Овој процес ја напиша не само правната, туку и светската историја, рече германскиот претседател.

Тој додаде дека судењата во Нирнберг се важни за подоцнежниот пристап на меѓународното право.

Меѓународното право до отворањето на овие судски процеси од пред 75 години беше прашање на државите, а не на поединците. Без судењата во Нирнберг немаше да го има ниту Меѓународниот суд во Хаг, рече Штајнмаер, пренесе Хина.

Германскиот претседател додаде дека Меѓународниот кривичен суд во Хаг во последните неколку години беше цел на критики.

– САД, кои во голема мера придонесоа за работата на Нирнбершките процеси, во последно време активно работеа против Хашкиот трибунал, рече германскиот претседател.

Комеморацијата во Нирнберг, поради пандемијата на коронавирусот, се одвиваше онлајн, а на собирот преку видео врска се обратат еден од тогашните главни обвинители, Бенџамин Ференц, како и министрите за надворешни работи на земјите-победнички од Втората светска војна.

На 20 ноември 1945 година, во судската палата во Нирнберг почна судењето на главните обвинети за воени злосторства за време на Третиот рајх, што беше избран, меѓудругото, затоа што тоа беше еден од ретките судови во Германија, кои останаа недопрени за време на војната.

На обвинетите германски национал-социјалисти им се судеше по четири точки: воени злосторства, злосторства против човештвото, поттикнување на агресија и поттикнување или учество во злосторства против мирот.

По една година судења, адвокатите од четирите победнички сили од Втората светска војна, САД, Советскиот сојуз, Велика Британија и Франција, на нацистичките лидери им изрече 12 смртни казни, седум затворски казни и три ослободителни пресуди.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот