Шолц на приватна аудиенција кај папата Франциск

Олаф Шолц / Фото EPA-EFE/ANDREAS GORA / POOL

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска во Ватикан се сретна со папата Франциск на неговата прва приватна аудиенција со поглаварот на Католичката црква.

Двајцата лидери разговараа околу 30 минути во Апостолската палата. Темите беа војните во Украина и на Блискиот Исток, како и одговорот на миграцијата, рече Шолц.

Шолц по средбата рече дека тоа бил „важен разговор во време кога е клучно за нас да гледаме во иднината со јасен поглед и да имаме јасни принципи“.

– И за мене лично, важен, значаен разговор, додаде тој.

Двајцата си размениле и подароци. Шолц на папата му ја подари официјалната топка на фудбалскиот шампионат Еуро 2024, што ќе се одржи во Германија, како и порцеланска мечка со германскиот грб, јави ДПА.

Ова е прва подолга средба на канцеларот со 87-годишниот понтиф. Тие двајца претходно се сретнаа на почетокот на минатата година, на погребот на поранешниот папа Бенедикт Шеснаесетти, кој е роден во јужна Германија и таму помина голем дел од својата кариера како свештеник, теолог и надбискуп.

Шолц вчера пристигна во дводневна посета на Рим и се сретна со италијанскиот претседател Серџо Матарела. Канцеларот нема да се сретне со италијанската премиерка Џорџа Мелони, која моментално е во посета на САД.

Шолц попладнево треба да присуствува на конгресот на Партијата на европските социјалисти (ПЕС) во Рим, каде што треба да биде избран водечкиот кандидат на групата за претстојните избори за Европскиот парламент во јуни.

Единствениот кандидат е европскиот комесар за работни места Николас Шмит, од Луксембург.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот